Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски во обраќањето пред учесниците на конференцијата ги нагласи стратешките документи што Владата ги усвоила во областа на земјоделството, во насока на зголемување на конкурентноста на македонските производи и развојот на преработувачката индустрија.
– Преработувачката индустрија е клучен сегмент во развојот на земјоделството, затоа и понатаму ќе продолжиме да го градиме дијалогот, политиките… Како држава постојано работиме заеднички со преработувачите, особено голем придонес има и финансиската поддршка со буџетски средства, преку воведувањето дополнителна финансиска поддршка за предадени градинарско и овошно производство во преработувачки капацитет. Заедно со преработувачите разговараме и за воведување нови мерки и политики кои ќе бидат во насока на дополнително остварување позитивни резултати – истакна Димовски.
Министерот укажа и на активностите што се преземаат за поедноставување на процедурите за повлекување кредитни средства за отворање нови производствени капацитети со повластена каматна стапка, но и за проширување на постоечките и нивна модернизација, уште повеќе што тие се еден од двигателите на развојот на земјоделството како стопанска гранка.
Сашо Ристески, извршен директор на Македонската асоцијација на преработувачи на овошје и зеленчук, појасни дека на собирот во Охрид ќе бидат презентирани и современите трендови и движења во однос на продажбата на преработките на овошје и зеленчук и тоа на големите пазари, особено на оној на ЕУ, потоа чекорите и начините на кој заедничката соработка може да се преточи во посериозни проекти што ќе бидат финансиски поддржани од ЕУ.
По однос на преработките на овошје и зеленчук од Македонија, од 2003 година наваму забележано е константно зголемување на извозот, што значи дека македонските производи уживаат добар имиџ кај купувачите од странство.
– Најголем пазар ни е ЕУ, каде владеат релативно строги критериуми во однос на безбедноста на храната. Ако најголемиот пазар за нашите производи без проблем ги апсорбира производите, тоа е потврда дека тие се квалитетни, здрави и безбедни. Оттаму не стравуваме за квалитетот на нашите производи, туку бараме начин како сето тоа уште да се зголемува – истакна тој, нагласувајќи дека во таа насока се преземаат конкретни активности, како проширување на постоечките капацитети, вложување во човечки ресурси, нови знаења, технологии, иницирање локални и регионални проекти од истражувачки карактер и слично.
– Со тоа се опфаќаат одредени конкурентни предности кои секоја држава апликант ги поседува, а оттаму, пак, преку соработка со европски партнери може да стекнеме одредени знаења, за зголемување на конкурентските способности на нашите производители – додаде Ристески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.