Шест сомелиери, претставници на најрелевантниот вински магазин „Декантер“ за централна и за југоисточна Европа, ги посетија македонските винарници. Една од посетените винарници е и винарницата „Стоби“ каде што се одржа завршната дегустаторска вечер.
Ова е прва ваква посета што се очекува да овозможи промоција и популарност, а со тоа и подобар пласман на македонското вино на странските пазари.

Џулија Хардинг
Ангела Мур, познат вински експерт (Master of Wine), Стефан Брук, Стивен Спуриер, Џулија Хардинг, Каролин Гилби и Џејмс Буд ги посетуваа македонските винарии и ги дегустираа нивните вина. За секое од дегустираните вина, престижните вински критичари и сомелијери со непроценливо искуство ќе создадат осврт којшто се користи од дистрибутерите и сопствениците на ресторани во набавката на вина од конкретен вински регион.
– Посетата на сомелиерите на „Декантер“ е од исклучително значење за промоција на македонските вина, пред сѐ тоа е уважување на македонскиот вински регион и истакнување на потенцијалите што нашите вина ги имаат. Од критиките што ќе ги дадат за нашите вина во голема мера зависи влезот на извесен пазар и третманот што виното го добива од рестораните, хотелите, па дури и крајниот потрошувач затоа што вистинските уживатели на вино ги следат објавите на „Декантер“ – изјави Дане Јованов, директор од винарницата „Стоби“.

Стефан Брук
Винскиот магазин, „Декантер“ е најрелевантен медиум со неспорно влијание врз креирање на мислењето за квалитетот, карактеристиките на винските региони, како и вината што ги продуцираат. Седиштето на „Декантер“ е во Лондон, со што влијанието на овој магазин е огромно посебно на овој пазар, најкритичен и еден од најпрестижните. Воедно е организатор на едно од најзначајните натпреварувања и оценувања на вино во светот.
Посетата беше организирана од страна на Асоцијацијата „Вајнс оф Маседониа“, а финансиски овозможена од страна на сите винарници што беа посетени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


