| четврток, 6 декември 2018 |

Иницијатива за награда „11 Октомври“ за животно дело за Вања Лазарова

22F108336950D33941F6BD45365B50EB

Елизабета Канческа-Милевска во посета на Вања Лазарова

Продукцијата „Трето уво“ поднесе иницијатива наградата „11 Октомври“ за животно дело од областа на културата да ѝ биде доделена на пејачката-доајен на македонската народна песна Вања Лазарова. Со добивањето државна награда, Лазарова автоматски ќе добие и национална пензија како што е утврдено со Законот за култура.

Во него е прецизирано дека за национална пензија (месечен износ во висина на разликата меѓу пензијата што ја добива и највисоката пензија во РМ од околу 35.000 денари), творецот треба да има добиено некоја од трите државни награди за уметност и култура (11 Октомври, 23 Октомври или 8 Декември).

813591052DFB92F2DB3B672AFDC550AC
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска ја посети Лазарова во дом за стари лица во Скопје во кој таа живее, заедно со менаџерот на „Трето уво“ Иво Јанкоски.
– Многу имате направено за нашата држава и за нашата култура и музика, огромна е Вашата поддршка за промоција на Република Македонија. Сите сме горди на Вашето творештво и идните генерации ќе живеат со Вашите песни. За тоа Ви се заблагодарувам лично и од име на Владата и премиерот. За се што Ви треба тука сме и може да ни се обратите – рече Канческа-Милевска.

D3322CBD913CE206E4F870D8C9828A56
Министерката ја поздрави и граѓанската иницијатива за доделување национална пензија на Лазарова, но појасни дека претходно треба да се исполни условот за државна награда, како што бара законот.
Јанкоски истакна дека Лазарова е меѓу ретките македонски пејачи на кои пеењето, како што рече, им е својствено како и дишењето.

Иницијативата за „11 Окртомври“ за животно дело е веќе поднесена до Одборот за доделување во Министерството за култура.
– Документацијата е обемна и е собрана во консултација со семејството на Вања, зашто голем дел од нејзиниот минат труд е во архивите на „Трето уво“, но добар дел е во нејзината приватна архива. Сето тоа мораше да се собере и координира и конечно е комплетирана и предадена – рече Јанковски.
Осумдесет и четиригодишната Лазарова се заблагодари за нивната посета и за поднесената иницијатива. Се присети на своите многубројни концерти и пред гостите ја запеа „Нели ти реков моме Донке“, а тие ја пофалија дека гласот сѐ уште ѝ е моќен и во форма.
– Тука ми е прекрасно. Ме пречекаа како да сум нивни персонал, а не пациент – рече Лазарова.
Таа има испеано стотина македонски изворни народни песни, од кои најголем дел се
снимени во продукцијата на МРТ. Има работено во Операта при МНТ, била член на
Државниот ансамбл на народни игри и песни „Танец“ и настапила на голем број концерти низ светот. Посебен придонес има во соработката со групата „Анастасија“ за музиката за филмот „Пред дождот“, кој во 1994 освои „Златен лав“ во Венеција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top