| четврток, 6 декември 2018 |

Честитки до Иванов од Баросо, Путин, Гаук, Ѓул-европските и светските лидери му го честитаа реизборот

Претседателот Ѓорѓе Иванов првиот работен ден од вториот мандат го започна со честитки од голем број шефови на држави, кои му ја честитаа победата на претседателските избори и резиборот на чело на државата.

-Како земја – кандидат постигнавте многу на планот на интеграцијата во Европската унија. Преостануваат важни предизвици и потребно е спроведување на натамошни реформи. Од суштинско значење е градење на довербата меѓу граѓаните во демократските процеси,  стои меѓудругото во честитката која до Иванов ја упати Претседателот на Европската Комисија, Жозе Мануел Баросо.

Честитки до Иванов пристигнаа и од неговиот руски колега Владимир Путин.

Резултатите од гласањето го потврдуваат Вашиот голем политички авторитет и доверба на граѓаните. Вие давате значаен придонес за зацврстување на пријателските односи и за заемно корисната соработка меѓу Русија и Македонија, стои во писмото упатено од рускиот претседател.

Успех во новиот мандат на Иванов му посака и германскиот претседател Јоахим Гаук порачувајќи му на својот македонски колега да продолжи со политиката на балансиран однос кон соседните земји и залагање за правна држава.
Претседателот на Турција, во своето писмо изразил очекување за продлабочување на односите меѓу двете земји.

Поради Вашиот удел прикажан во односите со Турција за време на Вашиот прв мандат како Претседател, нашата соработка чија што сила доаѓа од историската, човечката и културната врска има достигнато голем напредок“  стои во писмото од претседателот Абдула Ѓул.

Честитки пристигнаа и од соседите. Бугарскиот претседател Плевенлиев порачува дека односите меѓу Скопје и Софија треба да се развиваат во дхот на европските вредности.

-Унапредувањето на добрососедските односи меѓу нашите две земји ќе претставува дополнителен поттик на натамошното јакнење на соработката, стабилноста и просперитетот во регионот, како и продолжување на процесите на европска интеграција, пишува во својата честитика  претседателот на Србија Томислав Николиќ.

Честитки пристигнаа и од сите земји од поранешна Југославија, а успех во новите пет претседателски години на Иванов му посакаа и претседателите на Полска, Чешка,  Словачка, Литванија, Унгарија како и поранешниот чешки претседател Вацлав Клаус.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top