| четврток, 6 декември 2018 |

Магичните Дарко Рундек и Карго трио

darko rudnek 3 (Custom)

Магичен, посебен, нежен и разуздан, вистински мангуп, бил и остана Дарко Рундек кој синоќа во Универзална сала во Скопје го претстави деби албумот „Плави авион“, но и неколку песни од албумот кој следува „Darе“ со Карго трио. „Midnight Calypso“ е синглот од албумот на „Рундек карго трио“ со кој Рундек го промовира новиот албум.

darko rudnek (Custom)

Секако, неизоставен дел беа хитовите од соло кариерата на Рундек, како и периодот од работата со „Хаустор“ и со „Карго оркестар“. И  со нови аранжмани, прекрасно звучеа „Ја би мого да могу“, „Апокалипско“ и останатите, а кај Рундек и на 58-годишна возраст уште се забележува уживањето во создавањето музика за љубов. И како што вели и самиот, љубовта може да се негува, и некои од неговите песни навистина можат да помогнат во тоа.

darko rudnek 2 (Custom)

Иако Универзална сала не беше целосно исполнета, тие што дојдоа на концертот навистина уживаа во интимната атмосфера која на крајот се претвори во заедничка журка во која се слави љубовта. Но, не онака патетично како што би помислиле многумина, туку искрено, нежно, со галење и милување по жиците на гитарата на Рундек. За целосниот впечаток да биде комплетен, мора да се истакне виртуозниот настап на виолина на Изабел и на Душан Враниќ кои одлично го извозеа „Плави авион“.

фото: Александар Ивановски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top