Претседателот на Италија нема исти овластувања како Владата, но има прецизно утврдени функции според Уставот, вклучувајќи ја и таа за претставување на Италија на меѓународната арена, заедно и во договор со Владата и со почитување на овластувањата на извршната власт за донесување одлуки, поткрепени од довербата на парламентот, како во однос на надворешната политика, така и во однос на безбедноста и одбраната.
Така, без какво било мешање или удвојување на надлежностите и одговорностите (освен мал број случаи на несогласување во последните неколку децении), претседателот на републиката е учесник и копротагонист во тесната мрежа на односи, кои се движат од контакти со шефови на странски дипломатски мисии, чии акредитиви ги прима, до состаноци со шефови на држави, кои ги прима во Италија и кои го примаат за време на државни, официјални или неофицијални посети во странство.
Таму затоа, има голем број средби со меѓународен фокус – ова сигурно се однесува на мојот мандат. Имав 112 средби во Италија со странски шефови на држави, плус многу повеќе со владини функционери и претставници на амбасади, реализирав 75 посети на странски држави, вклучувајќи и посети на покана на меѓународни организации, како што се Обединетите нации, НАТО и Европскиот парламент.
Треба да додадам и да нагласам дека овие активности доведоа до блиски контакти со многу клучни меѓународни актери со кои, на тој начин, успеав да воспоставам важни лични односи. Според тоа, би можело да биде од интерес да наведам некои примери и да се присетам на некои од настаните што имаат, за мене, посебно лично и емотивно значење. На пример, начинот на кој почна мојот прв седумгодишен мандат и начинот на кој тој заврши.
Мојот мандат почна на 21 мај 2006 година, само неколку дена по мојата инаугурација на Квиринале, со посета на островот Вентотене, на церемонијата за одбележување на 20-годишнината од смртта на Алтиеро Спинели. Свеченоста претставуваше соодветно оддавање почит на човекот од кого ја научив највредната лекција во животот, како за идеалите, така и за однесувањето.
Мојот седумгодишен мандат заврши на 24 март 2013 година со аџилак во Санта Ана ди Стацема, местото каде што пред крајот на Втората светска војна се случи едно од најлошите и најгрозоморни нацистички злосторства во Италија. Бев таму, како претседател на Италијанската Република, заедно со Јоаким Гаук, претседател на Сојузна Република Германија. Оддадовме заедничка почит во спомен на жртвите, беспомошни луѓе на сите возрасти, деца, цели семејства. Во таа чест, како што ние двајца претседатели се поклонивме и се завртевме кон жителите од тоа мало село, лица што го преживеале масакрот и потомци на жртвите – покорни и вредни луѓе – го почувствувавме духот, целисходното и највисоко значење на она за што се залагаме – европското единство.
Моето долгогодишно искуство во меѓународните односи – иако дел од тие години ги поминав со партиско-политички улоги, со исклучок на периодот кога бев претседател на италијанскиот парламент и претседавач со Комитетот за уставни прашања на Европскиот парламент – значи дека отсекогаш сум се справувал со леснотија и никогаш не ми било ни најмалку тешко кога, конечно, ја добив довербата да ја претставувам мојата земја, целата земја, во Европа и во целиот свет, како претседател на републиката.
Бев во можност да ги продолжам, непречено, моите пријателства и соработка со луѓето кои првпат ги сретнав 20 години пред тоа, како што се претседателите на Австрија, Хајнц Фишер, и на Израел, Шимон Перес. И уште од самиот почеток увидов дека имам многу заедничко со многу помладата генерација проевропејци. Луѓето како Бронислав Коморовски, кој стана претседател на Полска според големата традиција на солидарност, чиј најеминентен претставник, во однос на европскиот сензибилитет и култура, Бронислав Геремек првпат го запознав и се воодушевив од него во 80-тите години на 20 век.
Или Данило Тирк, претседателот на Словенија до 2012 година и експерт од италијанската школа за меѓународно право. Соработував со Тирк и со новиот претседател на Хрватска, Иво Јосиповиќ, на отворање на патот за новата ера на помирување и соработка на Јадранот за да се олеснат страшните тензии од настаните по Втората светска војна на Балканот. Моите средби, не само на највисоко институционално ниво, туку и со обичните граѓани, во Трст во 2010 година и во Пула во 2011 година беа и се меѓу моите најживописни искуства во процесот на европското проширување и обединување.
Посебниот однос што се разви меѓу мене, како претседател на Италијанската Република, и папата Бенедикт Шеснаесетти, се до неговата оставка во февруари 2013 година, исто така, има свои корени во тоа европско патување кон единство. Нашето пријателство произлезе од директниот и заеднички интерес за лично познанство и меѓусебно разбирање и од споредувањето на ставовите и мислењата за прашања на кои бевме ангажирани како носители на нашите соодветни улоги.
Времето поминато во друштво на папата беше ново искуство за мене, ме направи побогат и бев поттикнат од културната широчина и длабочина на неговата личност. Но, нашата невообичаена доверба и близина не можат да се објаснат само во смисла на личните афинитети. Она што е заедничко за нас е суштинската заедничка основа на нашите животи, одбележана со настаните од 20 век, како многу важни така и страшни.
Настани кои нашите две земји, Германија и Италија, повеќе од сите други, ги искусија со сета нивна драматичност и траума сѐ до средината на минатиот век. Како поединци, Јозеф Рацингер и јас бевме поведени од тоа заедничко искуство, мотив и решеност да се идентификуваме со визијата за нова, обединета Европа, како и да продолжиме да ја негуваме и да ја реализираме таа визија дури и откако ги достигнавме позициите со највисока одговорност, како лидер на Католичката црква и шеф на италијанската држава.
Ваквата искрена и длабока врска меѓу претседателот и папата, исто така, е од огромно значење за натамошното јакнење на суштинската соработка заснована на меѓусебно почитување меѓу црквата и државата во Италија. Го споменувам таквиот однос овде не толку многу како елемент на меѓународната политика која ја водев како претседател, туку како главен фактор на кохезија во италијанското општество, кохезија која мора постојано да се зајакнува и обновува. На истиот тој пат чекориме сега заедно со новиот папа Франциск.
Европеизмот, кој од 50-тите години на минатиот век е клучен елемент за присуството на Италија и нејзиниот придонес во меѓународните работи, во исто време секогаш бил неразделен од една друга кардинална карактеристика: нашето пријателство и сојузништво со САД во пошироките рамки на трансатлантските односи. Според моето искуство, во текот на првите седум години од мојот мандат како претседател, овие две стратегиски оски на политика и натаму се неразделни како и во претходните три децении.
Во 1978 година, кога бев во прва посета на САД, не се ограничив себеси само на презентирање на политичката ситуација во Италија, во која ставовите на левицата во тоа време се бореа да го најдат своето вистинско место. Говорејќи на некои од најпрестижните американски универзитети и институции за креирање мислења, бев во улога на стандарден носител на визијата за европската заедница која стануваше сè поинклузивна и посакувана Европа, која, исто така, почнуваше да развива поавтономен профил на меѓународната сцена, без да се доведе во прашање историската врска со САД. Таа мисија беше далеку од оној вид антиамериканизам кој тогаш сѐ уште беше распространет меѓу опозициската левица во Италија.
Визијата која ја презентирав беше прифатена во тоа време – со оглед на мојата позиција како постар член на Италијанската комунистичка партија – како еден вид „еврокомунизам“, движење за кое посериозните и отворени политички и културни кругови во САД покажаа голем интерес. Исто како што не покажаа голем интерес за секојдневните случувања во италијанската домашна политика, како и за единствената реалност која беше ИКП. За време на мојата последна посета на САД – државна посета во февруари 2013 година – на мое изненадување, наидов на одглас од тој интерес и спомени кои сѐ уште живеат од улогата која ја одиграв во 70-тите години на минатиот век.
Постепено се стекнав со подлабоко и посеопфатно разбирање на историјата и идеалите во поддршка на односите меѓу Европа и САД, на нивните заеднички корени и нивната заедничка припадност на Западот, како срце на демократијата. Во основа, може да се тврди дека постои одредена кохерентност и конзистентност кај таквото разбирање, зајакнати преку ревизиите и промените во културниот и политичкиот пејзаж, на што бев сведок, на настаните кои доведоа до историски пресврт во 1989 година. Континуитетот и другите плодни искуства ми послужија во исполнувањето на моите должности и во придонесот кој го дадов во текот на овие седум години како претседател, како на европскиот политички и институционален фронт, така и во европско-американските односи.
Многуте искуства и влијанија на кои се потсетив на овие неколку страници, на крајот, се соединуваат во односот кој се разви, на највисоко ниво, со раководството на САД: меѓу претседателот на Италија и претседателот на САД. Го следев појавувањето на Барак Обама и изборот за лидер на САД одблиску, со соодветна институционална неутралност, но со личен ентузијазам и надеж. Односот меѓу нас достигна ниво на разбирање, поддршка и заемна доверба – или уште повеќе, вистинско пријателство – нешто што не можев да го замислам.
Италија и Европа имаат корист од оваа клима воспоставена меѓу претседателот на Италија и претседателот на Соединетите Американски Држави во вршењето на нивните соодветни улоги и нивните заеднички одговорности. Националниот интерес на Италија и заедничкиот европски интерес: на крајот, отсекогаш биле важни, и сѐ уште се важни, за мене повеќе отколку што било друго.
(Текст објавен во 87. број на неделникот „Република“, 2.05.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


