| четврток, 6 декември 2018 |

Фестивалскиот оган на 42. „Мајски оперски вечери“ ќе пламне од рацете на Александра Мијалкова

Со звуците на фанфарите од „Аида“ и фестивалски оган, кој годинава ќе пламне од рацете на примабалерината Александра Мијалкова, вечерва во 20 часот во Македонската опера и балет почнуваат „Мајските оперски вечери“. Новото, 42. издание ќе го навести премиерата на „Симон Боканегра“, едно од последните дела на Џузепе Верди, кое првпат се поставува кај нас. Директорот Дејан Прошев нагласи дека оваа премиера е дел од традицијата на Вечерите секоја година да се изведува нов оперски наслов. Една од спецификите на годинашното издание на манифестацијата е нагласеното присуство на гостите од Италија, која се смета за татковина на операта.
– Годинашната манифестација ќе ја одбележат пет оперски и една балетска претстава, во секоја по едно или повеќе звучни имиња. Kарактеристика на овие „Мајски оперски вечери“ се светските оперски ѕвезди, како Инва Мула, Џузепе Сабатини, Џована Kазола, Руди Парк и други – рече Прошев.
Со оркестарот и хорот на МОБ на отворањето ќе диригира маестро Џанлука Мартиненги од Италија, режисер е неговиот сонародник Антонио Kарло де Лучија, сценограф Алесандра Полимено, а костимите се на Александар Ношпал. Нашиот баритон Борис Трајанов е во насловната улога, потоа Весна Ѓиновска-Илкова, Владимир Саздовски, Ѓорѓи Цуцковски, Владимир Андриќ од Србија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top