| четврток, 6 декември 2018 |

Голема изложба на Матис во „Тејт модерна“ во Лондон

На изложбата ќе бидат прикажани колажи, кои Матис, еден од најголемите уметници на 20 век, почнал да ги создава во доцните години, а првпат во Велика Британија ќе бидат прикажани четирите сини акти, кои ги создал во 1952 година

Голема изложба на колажи на францускиот сликар Анри Матис, која опфаќа 130 дела од последната фаза од неговото творештво, е отворена на 17 април, во лондонскиот музеј „Тејт модерна“. „Блокбастер-изложбата на Матис“, како што ја најавија британските медиуми, ќе биде отворена до 7 септември 2014 година.

На изложбата ќе бидат прикажани колажи, кои Матис, еден од најголемите уметници на 20 век, почнал да ги создава во доцните години, а првпат во Велика Британија ќе бидат прикажани четирите сини акти, кои ги создал во 1952 година.

Ова е најголема изложба на колажите на Матис досега одржана во лондонската галерија. Делата што се изложени се создадени меѓу 1943 година и 1954, годината кога тој починал. Многу од нив првпат ќе бидат изложени во „Тејт модерна“.

Матис (1869 – 1954 година) е француски сликар и вајар. Почнал како фовист, но со време станал попрефинет и сликал со отмен колорит. Тој е претставник на модерното европско сликарство и силно влијаел врз него. Иако е, можеби, најпознат како сликар и како скулптор, овие колажи се сметаат за негово експериментално, триумфално и последно поглавје од неговиот живот. Колажите се направени додека бил во инвалидска количка. Починал во 1954 година од срцев удар.

Бидејќи бил болен од рак, болеста го спречила да слика и доде­ка заздравувал од операцијата почнал да сечка хартии во боја со цел да направи мали макети. Така ја создал серијата колажи „Сини акти“, сега планетарно позната.

Kultura86-Matis-2

Критичарите имаат само пофални зборови за една од најголемите збирки на Матис. Според „Дејли телеграф“, галеријата во Лондон мора да се чувстува како победник во оваа извонредна изложба.

„Ја голтам изложбата со очи и уште не сум заситен“, пишува критичарот на „Гардијан“.

Според критичарот на „Телеграф“, убавината на колажите на Матис е во нивната едноставност. Тие се направени од „скромен материјал“, а во нивната изработка била користена едноставна техника. Но, убавината е во вештината на уметникот да ги создаде делата.

Сер Николас Серота, директорот на „Тејт модерна“ и куратор на изложбата, за „Би-Би-Си“ изјави дека тој гледа голема вештина во колажите.

– Колажи звучат многу едноставно. Тоа се многу софистицирани објекти – рече Серота.

Овие дела извршија големо влијание на една генерација американски сликари во 60-тите и во 70-тите години.
Изложбата ќе биде во галеријата во Лондон до 7 септември, а потоа ќе се пресели во Њујорк, во Музејот на современа уметност, во средината на октомври.

 

(Пишува: Александра М. Бундалевска
Текст објавен во 86. број на неделникот „Република“, 25.04.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top