Ја нема веќе прилепска Победа, а УЕФА го искорени местењето во Европа, па нема веќе ниту сомнителни резултати. Тимот од Прилеп остана редок пример, заедно со турските гиганти Фенербахче и Бешикташ, што се казнети за местење на натпревари. Принципиелна ли е европската куќа на фудбалот кон сите клубови што се под нејзина закрила, без разлика дали сомнителни резултати има во домашните натпреварувања, или во европските купови?
УЕФА не може да се дистанцира дека нема ингеренции во националните првенства бидејќи звучно и недвосмислено беше најавено дека се формирани тела во УЕФА што ќе ги истражуваат сите сомнителни резултати во националните првенства во Европа. Каде се и што работат? Има ли ефект од „шпионажата“ и почнати ли се истраги за дузина сомнителни натпревари и резултати и тоа само во последните неколку кола во европските првенства. И тоа во најсилните, во таканаречените топ-5 шампионати. Не Победа од Прилеп од малата Македонија, ниту турски клубови, туку гиганти од висок ранг, со огромно реноме. Со европски и светски титули. И во Англија и Италија, па и Германија и Шпанија се пазарат бодови, победи, опстанок, трофеи…
Докази за наместен натпревар тешко се прибираат, особено ако сакате да замижите пред фактите. А факт е дека во финишот на првенствата во Европа се мести на ангро.
Поинаку и не можат да се толкуваат серијата сензационални резултати и победи на Катанија против Рома, на Сандерленд на „Олд Трафорд“ против Манчестер јунајтед, на Олханензе со Порто, потоа и нерешените резултати на Норич со Челси, на Сетубал со Бенфика и уште цела серија чудни резултати.
Тешко е да се истражуваат очигледно наместените резултати на гигантите, може да донесе многу потреси во светскиот фудбал. Затоа најлесно е да се казни Победа. Од Прилеп, од Македонија, земја што е фудбалско џуџе на глобалната мапа во најважната споредна работа на планетата.
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


