| четврток, 6 декември 2018 |

Хартиените билети заминуваат во историјата, ЈСП распиша тендер за електронска наплата

Јавното сообраќајно претпријатие- Скопје петти пат распиша меѓународен оглас за набавка и монтирање систем за автоматска локација на автобусите и на електронски систем за наплата на билетите во возилата, пишува „Дневник“. Со овие два система дополнително ќе се модернизира јавниот превоз.

Со автоматската локација, патниците на автобуските стојалишта на електронски табли ќе добиваат информации за колку време ќе стаса автобусот што го чекаат. Возилата ќе бидат следени преку сателит и информациите ќе се проследуваат во реално време.

Со системот за електронска наплата, односно со воведувањето таканаречени умни билети, ќе се избегнат билетите од хартија и ќе се скрати времето на влегување на патниците во возилата. Граѓаните што се возат со јавниот превоз ќе си купат електронски припејд- картички, кои ќе ги дополнуваат со толку пари колку што сакаат, а при влегувањето во автобус ќе ја приближат картичката до читач, кој од неа ќе им одземе сума колку што чини возењето. Така патниците ќе влегуваат брзо во возилата, нема да се задржуваат кај поништувачите на хартиените билети и нема да мора да купуваат билет од возачот и така да го задржуваат возилото на стојалиштето.

Досега, пишува Дневник, пропаднаа четири тендери со кои ЈСП планираше да ги воведе современите системи. Причината што досега не се реализираа овие проекти, според директорот на ЈСП- Скопје Мишо Николов, е што системот за електронска наплата е сложен и треба многу внимание за технички да се дизајнира тендерот.

-Во прашање е и нашето неискуство за вакви системи. Очекувам овој пат тендерот да биде успешен. Нема посебни измени на условите во него, тие остануваат речиси исти. Електронската наплата ќе се воспостави во 500 наши автобуси. Ќе бидат поставени исто толку валидатори, односно поништувачи. Исто така, фирмата што ќе биде избрана ќе биде должна да воспостави три машини – автомати за продажба на електронските картички и тоа на пофреквентните автобуски постојки, како што се, на пример, „Рекорд“ или Бит-пазар, вели Николов.

Освен на трите автомати, електронските билети ќе се продаваат и на 58 продажбени места и билетарници. Ќе бидат набавени 200.000 електронски картички (билети), како и 50 уреди за контрола.

За системот за автоматска локација, избраната фирма ќе има задача да постави 40 информативни дисплеи на автобуските постојки, преку кои патниците ќе добиваат информации за пристигнувањето на автобусите. Во сите автобуси ќе треба да постави ГПС-уреди за сателитско следење на возилата и да опреми диспечерски центар за нивно следење, кој ќе биде сместен во рамките на Студентскиот дом „Kузман Јосифовски-Питу“. Главна придобивка од овој систем, освен информирањето на патниците, ќе биде тоа што ќе се надмине доцнењето на возилата.

Заинтересираните компании своите понуди треба да ги достават најдоцна до 16 јуни во 11 часот, во дирекцијата на ЈСП, кога ќе се спроведе јавното отворање на понудите. Проценетата првична вредност на овој проект, според тендерската документација, е 120 милиони денари, односно околу 2 милиона евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top