| четврток, 6 декември 2018 |

Каде сѐ се нуди вработување низ Македонија

Преку Агенцијата за вработување на лицата кои бараат работа во земјава им се нудат вкупно 2.322 слободни работни места. Според податоците на оваа институција, најголем број се во скопскиот регион каде се објавени огласи за 1.571 слободно работно место.

По Скопје со 170 слободни работни места е Охрид, 139 во Штип, 100 во Кратово, 51 во Битола, 45 во Кочани…

Најголем број од слободните работни места за кои е објавен оглас е продавач. За оваа позиција се бараат 330 кандидати, 199 за магационер, 100 за чевларски работници, 86 подготвувачи на брза храна, 69 пекари, 68 возачи на такси, 67 лица за комерцијалисти, 60 за позиција шанкер…

Според области – 988 слободни работни места се во трговија на големо и на мало, во преработувачката индустрија 491, 112 во градежништвото, 97 во стручни, научни и технички дејности, 62 во областа на земјоделството, шумарството и рибарството, додека во уметноста, забавата и рекреацијата има 33 слободни работни места.

Од почетокот на годината, односно во првите три месеци од годинава регистрирани се 44.154 пријави за заснован работен однос. Од нив најмногу 18.883 во Скопје, следи со 3.339 Кавадарци и Битола со 3.237 пријави на заснован работен однос. Во наредниот период ќе се бараат 10.132 нови работници.

Работодавачите, според спроведена анкета на Агенцијата во октомври-ноември 2013 година, се изјасниле дека во наредните 12 месеци ќе се отворат 10.132 нови работни места. Најголем дел ќе се реализираат во големите и средните фирми, а според дејноста во преработувачката дури 40 проценти од предвидените вработувања.

Според образованието најмногу 61,6 отсто ќе се бараат со средно образование. Со завршено средно образование ќе се бараат шивачи, кројачи, продавачи, столари, заварувачи, армирачи, лимари, градежни работници, пекари, чевлари…

Меѓу бараните со високо образование ќе бидат програмери, информатичари, градежни инженери, архитекти, технологии, сметководители, брокери, графички дизајнери…

Во евиденцијата на Агенцијата на крајот на март 2014 година се регистрирани 104.067 невработени лица. Од нив 58 проценти се мажи, а 42 проценти се жени. Најмногу невработени 17.582 се регистрирани во Скопје, потоа во Тетово 10.753 и Куманово 7.564.

Според образованието 29.450 се без образование, со нецелосно средно образование се 18.350, со средно 36.077 лица, со виша 2.642, со висока 16.647. Регистрирани се 881 магистри и 20 доктори на науки.

Во евиденцијата на листата на други лица кои бараат работа се регистрирани 116.944.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top