Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски утре во Вашингтон ќе учествува на конференцијата на Атланскиот совет, насловена Кон обединета и слободна Европа, на која ќе се обратат и потпретседателот на САД Џо Бајден и државниот секретар Џон Кери, како и претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо.
Попоски ќе зборува на панелот посветен на југот на Европа, заедно со министрите за надворешни работи на Бугарија, Црна Гора и Албанија, како и Иан Бжежински од Атланскиот совет.
Цел на големиот собир во Вашингтон е да се истакнат историските придобивки од досегашните проширувања на НАТО и на Европската унија, и да се промовира идното проширување.
На дводневната конференција, која ќе биде проследена со серија билатерални средби, ќе учествуваат и водечките американски сенатори и конгресмени како Џон Мекејн, Боб Коркер и Кристофер Марфи, поранешни функционери како Збигњев Бжежински, Медлин Олбрајт, Николас Барнс и Стивен Хедли, како и министри за надворешни работи и одбрана од Полска, Романија, Холандија, балтичките држави и земјите кандидатки како Грузија и Молдавија.
За време на посетата на Вашингтон, се очекува министерот Попоски да има средби со претставници на Стејт департментот, американски конгресмени, како и со македонската дијаспора во САД.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


