Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони ja разгневи германската јавност со изјавата дека „за Германците концентрационите логори како никогаш да не постоеле“. Тој ова го порача на еден политички собир во Милано,одржан по повод претстојните европски парламентарни избори.
Германскиот министер за семејни прашања Мануела Швезинг, остро ја критикуваше изјавата на поранешниот премиер на Италија, ценејќи ја како „напад врз сите Германци“ додека лидерот на левиот блок партии во Парламентот во Стразбур, европратеникот Ханес Свобода, овој најнов политички гаф на Берлускони го нарече „грозен“.
Ова не е првпат, тој да им се замери на Германците и на тамошните политичари, посебно на оние од германската левица.
Во 2003 година,во време кога беше италијански премиер,тој на германскиот европратеник од левицата Мартин Шулц му порача дека „во некој филм би можел извонредно да глуми како капо“ (чувар на концентрационен логор). Шулц е актуелен претседател на европскиот Парламент и кандидат на блокот од леви партии за изборот на нов претседател на Европската комисија. Берлускони е еден од најбогатите луѓе во Италија и три пати италијански премиер.
Првпат во 1994 година, тој остана само девет месеци на функцијата, а потоа во 2001 и во 2008 година, тој на два пати победи на италијанските избори и беше на премиерската функција вкупно осум години.
Во ноември 2011 година беше присилен да поднесе оставка по избувнувањето на финансиската криза во Италија, но и под притисок на обвинувањата за прикривање данок и за давање поткуп. Тој и порано и сега тврди дека сите обвинувања против него се „левичарски заговор“, но Врховниот суд на Италија, минатиот месец ја потврди забраната две години да држи јавни (државни) канцеларии.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.