Нови работни места, инвестиции, економски просперитет се ветувања што луѓето сакаат да ги слушнат и веруваат дека ќе се остварат бидејќи со тоа ќе им се подобри животот, ќе се подобри стандардот. Токму затоа економските програми што се вградуваат во изборните ветувања судат и пресудуваат на секои избори. Таа партија што ќе понуди подобра економска програма, дефинитивно, е победник. Тоа го докажаа и претседателските избори, кои во првиот круг му донесоа апсолутна и недостижна предност на Ѓорге Иванов од повеќе од 120.000 гласови. Имено, граѓаните решија да му ја дадат довербата на претседателскиот кандидат на владејачката ВМРО-ДПМНЕ затоа што знаат дека ги поддржува сите владини економски чекори, кои во изминативе години ја намалија невработеноста и влијаеја врз подобрување на сите економски сегменти. Синхронизираното дејствување на владата и на претседателот на државата е услов таа да се движи напред во секој дел, а најмногу економскиот.
– Економската програма на ВМРО-ДПМНЕ апсолутно влијаеше на оваа разлика од 120.000 гласа. Најчесто се држам на анкети и на прогнози, на иконографијата, но ќе си дозволам да кажам дека кај еден политичар во Македонија е најважно да се има доверба во него и да е чесен. Иванов го покажа тоа. Покажа дека е чесен, а ВМРО-ДПМНЕ му помогна да имаат доверба во него. ВМРО-ДПМНЕ од 2006 година наваму почна да применува еден сосема поинаков облик на комуникација со граѓаните, а тоа е компарација на ветеното и на исполнетото. Програма – отчет, програма – отчет. Кога граѓаните ќе здобијат доверба во една политичка партија, потоа е тешко да се загуби таа доверба. Да се вратиме 15 години наназад. Ако тогаш некој ни кажеше дека ќе направи три автопатишта и ќе донесе странски инвестиции, сите ќе му се изнасмеаја. Сега кога Груевски го кажува тоа во програма, сите го сфаќаат сериозно и сите го земаат здраво за готово. Не прашуваат „дали“. Прашуваат „кога“’. Затоа во самата програма има ставено датуми. Тоа е таа разлика во програмите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. Странски инвестиции, намалување на невработеноста, програми за млади, кои се прават во соработка со Министерството за труд и за социјална политика, со Агенцијата за вработување, проекти со Министерство за финансии, странски промотори… Сета таа екипа што функционира на економски план е најзаслужна за победата на ВМРО-ДПМНЕ, односно за таа разлика во првиот круг од претседателските избори – вели политичкиот аналитичар, Владимир Божиновски.
Според него, освен за економијата, владејачката партија води сметка и за другите области од живеењето.
– Би ги споменал тука и Министерството за образование и Министерството за здравство. Во образованието се виде дека се води многу сметка за младите, што исклучително е важно за секој родител и, секако, се води сметка за здравството, што е важно за младите, за родителите, но и за пензионерите. Со тие две суштински реформи што се спроведуваат во моментов, со реформата за економски пораст и за намалување на невработеноста, која дава извонреден резултат, ВМРО-ДПМНЕ дојде до оваа разлика. Луѓето бараат нови работни места. Совпаѓањето на изборите му донесоа плус поени на Иванов. Ние имавме една грешка на СДСМ, кој водеше две различни кампањи, и полн погодок од страна на ВМРО-ДПМНЕ со одлична реклама и промоција – додава Божиновски.
Според аналитичарите, волјата на народот зависи од тоа што му се нуди, конкретни решенија или продавање магла.
– Граѓаните сакаат конкретни ветувања, но не само ветувања, туку и исполнување на ветеното. А токму тоа го добиваат од власта. Затоа и веруваат, затоа и ја даваат поддршката. За сето сработено, владата и претседателот на крајот даваат и отчет, што од страна на опозицијата ниту се случило, ниту ќе се случи. Тука е разликата меѓу едните и другите и тоа е тоа што пресудува на избори. Ќе речете економијата зависи од политиката на владата, а не од претседателот, па каква врска има довербата што му ја даваат граѓаните на претседателот со тоа. Зошто економската програма на ВМРО-ДПМНЕ им пресуди на кандидатите за претседател во првиот круг? Вистина, Иванов не може да направи многу на економски план, но доволно е да дава благослов на мерките што ги презема Владата за унапредување на економијата и земјата ќе оди напред. Тоа ќе биде клучен елемент околу кој ќе се кршат копјата и во вториот изборен круг за претседател и на предвремените парламентарни избори. Иако битката за опозицијата е однапред загубена – сметаат аналитичарите.
Според професорот Томе Неновски, меѓу сите фактори што влијаеја на толкавата изборна разлика во првиот круг на претседателските избори е економската политика.
– Иванов во неколку наврати укажа на своите претходни искуства во делот на средби со странски инвеститори и неговото влијание во донесувањето на нивната конечна одлука да вложат средства во земјава. И сето тоа беше аргументирано, за разлика од неговиот против кандидат Пендаровски, кој само напаѓаше без никаков грб и минат труд во економијата – вели Неновски.
Ветувања на кандидатот за претседател на коалицијата „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов се просперитет за младите, субвенции за земјоделците, подобра година за тутунарите, нови вработувања, странски инвестиции, отворање нови капацитети, кои се во комплетна симбиоза со ветувањата дадени во изборната програма на оваа партија за претстојните предвремени парламентарни избори.
Иванов во неколку наврати во својата кампања нагласи дека проектите што се реализирани досега се резултат на тимска работа со владата и дека тоа ќе продолжи.
Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, на митинг во Струмица, зборувајќи за инвестициите во слободните и економските зони, истакна дека претседателот Иванов ги поддржал сите закони за оформување слободни економски зони и за привлекување странски инвестиции.
– Денеска, како резултат на таа поддршка и како резултат на трудот на Владата на Република Македонија и добрата деловна клима што ја создадовме низ овие години, во македонските слободни зони веќе работат 15 фабрики, во тие зони се отворени 7.500 работни места. Се надеваме дека во иднина ќе имаме уште фабрики, уште работни места затоа што тоа им треба на младите, тоа им треба на сите невработени и тоа ќе помогне да се подобри животот на граѓаните на Република Македонија – порача Ставрески.
Претседателот Иванов, како што посочи Ставрески, давал поддршка за донесување на што поголем број странски инвестиции во Македонија и за отворање нови работни места.
– Иванов го праша народот што сака да прави претседателот и каде да ја вложи сопствената енергија. Во рамките на сопствените ингеренции, претседателот Иванов даде поддршка за сите проекти на Владата на Република Македонија што беа корисни за граѓаните, корисни за народот. Секаде каде што можеше ни даваше поддршка, секаде, во сите земји каде што одевме, било сам, било со нас, зборуваше за Македонија како за земја во која има добри услови за водење бизнис за да донесеме повеќе инвестиции и да отвориме работни места бидејќи само преку инвестиции и работни места и преку голема поддршка за земјоделството можеме да го подобриме животниот стандард на граѓаните и ние го знаеме тоа. И целата наша работа и работата на претседателот е посветена на таа цел – истакна Ставрески.
Најконкретен пример за тоа колку Иванов придонел за развој на една инвестиција, обелодени вицепремиерот Владимир Пешевски, на еден од предизборните митинзи.
– Претседателот Иванов се вклучи во процесот на преговори со турската компанија „Џеваир холдинг“. Во овој процес, за да се помогне за да се донесе позитивна одлука, прво нашиот претседател оствари средба со еден од најмоќниот градоначалник во Турција, личен пријател на господинот Џеваир, сопственик на „Џеваир холдинг“, кај кого директно лобираше за овој проект – посочи Пешевски. Тој истакна дека оваа инвестиција не би била возможна без заложбите на претседателот Иванов.
Ете тука лежи разликата од 120.000 гласови меѓу Иванов и Пендаровски.
(Пишува: Александрија Стевковска | Фото: Ѓорѓи Личовски
Текст објавен во 85. број на неделникот „Република“, 18.04.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст