
Која е политичката филозофија на Зоран Заев, можеби, најдобро се гледа од неговиот став за можен бојкот на парламентарните избори откако неговата партија убедливо ги загуби претседателските избори во првиот круг. На повикот на дел од новинарите блиски на СДСМ да се бојкотираат изборите, Заев вели дека сите опции, вклучувајќи и улична демократија, се можни, но дури по одржувањето на предвремените парламентарни избори.
Тој, всушност, сака да ни каже дека бојкот на институциите и хаос на улиците и пред институциите ќе се случи само ако СДСМ загуби. Со други зборови, Заев вели „да си ја пробаме силата, да не дозволиме други опозициски партии да влезат во парламентот, па ако загубиме, тогаш ќе ги уриваме државните институции“. Како тоа ќе биде изведено во ситуација кога сите меѓународни фактори се против бојкот и блокада на институциите, а притоа знаеме дека Заев беше најголем противник на бојкот на локалните избори минатата година, останува да видиме по изборите.
Ако се водиме по неговото однесување кога по локалните избори тврдеше дека се наместени од власта, а не се откажа од градоначалничката фотелја во Струмица, не е исклучено тој ако веднаш не биде тргнат со партиски пуч, откако ќе расчисти дефинитивно со стариот пратенички состав на партијата, да почне нова кампања која треба да донесе резултат на изборите во 2018 година. А, дотогаш мирно да раководи со општинската администрација и со бизнисот во Струмица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


