За дел од неговите гафови, како оној што го направи пред една недела кога наместо за офшор-компании, зборуваше за „офшорт“, веројатно никој нема да му забележи посериозно затоа што се работи за лапсус кој може да му се случи дури и на незавршен магистер по финансии и монетарна економија, каков што е образовниот статус на лидерот на СДСМ. Дури и ако овој гаф се должи на непознавање на англискиот јазик и вокабуларот на овој дел од економската проблематика, не е страшно затоа што тој, како што стојат работите, ќе има најмалку четири години за да научи англиски јазик и да ги научи термините што му се потребни во работата.
Тоа што многумина нема да му го простат на лидерот на СДСМ е навредата што ја упати кон премиерот Никола Груевски, која колку и да е дозволена во заострена политичка изборна битка толку е неприфатлива во смисла на човечност и доблест. Со шегата за премиерот Груевски кого го повика да научи да ја користи буквата „р“ соодветно, Заев, всушност, им се обрати на најмалку дваесетина илјади луѓе што го имаат тој проблем како дар од Бога, а не како личен пропуст. Како се чувствуваат родителите на децата што се соочуваат со слични проблеми, а кои не се пречка за нормално функционирање на секој граѓанин, ќе се види на 27 април.
Со таа шега Заев само уште еднаш потврди дека понекогаш навистина не знае какви последици имаат неговите вербални излети во јавноста, со што уште еднаш, по кој знае кој пат, се дисквалификува од позицијата премиер за којашто толку многу се залага.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.