„Жилавка“ и „вранец веритас“ на винарија „Стоби“ се посебно интересни автохтони сорти за Чесите. Винаријата беше дел од најголемото винско шоу во Прага, Чешка, каде ги претстави своите премиум вина „шардоне барик“ (Chardonnay Barrique), „мерло барик“ (Мerlot Barrique), „сура“ (Surah), „вранец веритас“ (Vranec veritas), „Аминта“ (Aminta), „розе алегро“ (Rose Allegro) и „роксана“ (Roxana).
Презентацијата на „Стоби“ на Меѓународното винско шоу опфаќаше уште и мастерклас на автохтони сорти од Македонија, каде што беа претставени токму „жилавка“ и „вранец веритас“. Мастеркласот го водеше познатиот чешки сомелијер Иво Дворак.
– Винарската визба „Стоби“ со дел од своите производи веќе е присутна на чешкиот пазар, но со учеството на вакви настани ја зацврстуваме својата позиција со што стануваме се попопуларни кај купувачите. Се надеваме дека овие презентации значајно ќе го зголемат интересот за нашите вина и воедно ќе станеме попрепознатливи како автентичен вински регион со автохтони сорти – изјави Јадранка Клариќ Кимовска, комерцијален директор на винарската визба „Стоби“.
Меѓународното винско шоу е настан на кој се присутни винарии од држави од целиот свет како Соединетите Американски држави, Франција, Шпанија, Италија, Словенија, Германија, како и многубројни домашни, чешки винарски визби.
Покрај винското шоу, „Стоби“ беше дел и од саемот „Вино и деликатеси“ каде се претстави со поширока палета на производи, кои се веќе присутни на чешкиот пазар.
Присуството на винските настани во Чешка на винарија „Стоби“ беше поддржано од Министерството за земјоделство, како и македонската амбасада во Чешка и од aмбасадорот Паскал Стојчески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.