Завршни митинзи одржуваат вечерва коалициите и политичките партии во пресрет на утрешниот молк пред вториот круг на претседателските избори и предвремените парламентарни избори закажани за в недела.
ВМРО-ДПМНЕ и Коалиција „За подобра Македонија“ ќе одржи митинг во Велес. СДСМ ќе митингува во Гевгелија и во Струмица, а претставници на партијата и на коалицијата ќе ги посетат и Валандово, Дојран, Радовиш и Богданци. ДУИ завршниот митинг ќе ги одржи во Чаир, а ДПА во Тетово.
Во Република Македонија в недела ќе се одржи вториот круг од петтите претседателски избори и трети предвремени парламентарни избори.
На 3.480 избирачки места во земјата право на глас на претседателските избори имаат 1.779.572 избирачи, а во избирачкиот список за парламентарните избори се запишани 1.780. 128 избирачи. На избирачките места ќе има два извода од избирачкиот список, еден за парламентарните, а вториот за претседателските избори.
На претседателските избори граѓаните ќе можат да избираат меѓу кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и досегашен претседател Ѓорге Иванов и на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски. Иванов на првиот круг од изборите на 13 април освои 449.442 гласови, а Пендаровски 326.164 гласа. За претседател ќе биде избран кандидатот кој на вториот круг од изборите ќе освои повеќе гласови под услов на гласање да излезат најмалку 40 проценти од вкупното избирачко тело.
Оваа година првпат на претседателски избори право на глас имаа и македонските државјани во странство. Прифатени во рокот беа пријавите на 8.332 македонски државјани кои имаа можност да гласаат вчера, на ден пред изборите, на 34 избирачки места во изборните единици 7 (Европа и Африка), 8 (Северна и Јужна Америка) и 9 (Австралија и Азија).
За предвремените парламентарни избори, кои се трети по ред и трети во низа во Македонија, а осми парламентарни, поднесени се 14 листи со кандидати за 123 места во Парламентот. Листи поднесоа пет коалиции и девет политички партии.
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, СДСМ и коалицијата и ДУИ имаат поднесено листи во сите изборни единици. ДПА има поднесено листи за ИЕ 1,2,3,5,6,7 и 8, НДП за ИЕ 1,2,5,6 и 7, ПДП само за Шестата изборна единица, коалицијата „За позитивна Македонија“ во ИЕ 1,2,3,4,5 и 6, коалицијата „Достоинство за Македонија“ во ИЕ 1,2,3,4,5,6 и 8, ВМРО-НП во ИЕ 1,2,3,4,5,6, НДМ во ИЕ 1,2,3,4,5, СДПМ во ИЕ 1,2,3,4,5 и 6, ПЕП 21 во ИЕ 1 и 2, ПЕИ во ИЕ 1,2,5 и 6, коалицијата ГРОМ во ИЕ 1,2,3,4,5 и 6.
Пратениците се избираат според пропорционалниот модел во Македонија, а според мнозинскиот во дијаспората. Територијата на Република Македонија е поделена на шест изборни единици и во секоја се избираат по 20 пратеници, а тројца пратеници се избираат во дијаспората – по еден пратеник од трите изборни единици: Европа и Африка, Северна и Јужна Америка и Австралија и Азија.
Право на глас на предвремените парламентарни избори имаат 1.780.128 граѓани. По изборни единици за парламентарните избори во првата запишани во ИС се 297.686 гласачи, во ИЕ 2 306.067, во ИЕ 3 280.891, во четвртата 280.810, во ИЕ 5 286.434 и во шестата 304.458 гласачи. Најмногу пријавени за гласање во дијаспората има во ИЕ 7 (Европа и Африка) 18.911, во осмата (Северна и Јужна Америка) 3.337, додека во ИЕ 9 (Австралија и Азија) 1.534.
Утре гласа дијаспората, затворениците, лицата во домашен притвор, внатрешно раселените лица и болните и немоќните лица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.