| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Граѓаните во демократија научија да прават разлика

Тој порача дека во недела гласот на народот одлучува кој ќе биде Претседател на Република Македонија. Кој ќе биде пратеник во Собранието, кој ќе добие мнозинство да формира Влада во Република Македонија

ivanov1

Ѓорге Иванов, кандидатот за претседател на ВМРО ДПМНЕ вечерва на граѓаните на скопската општина Бутел им за заблагодари што направија разлика, за сиот труд и ентузијазам.

– Но почитувани граѓани 27 април доаѓа. Недела е денот кога ќе ја имаме  демократијата на дело. Во недела, вашиот глас одлучува каква Македонија ќе имаме. Вашиот глас одлучува како ќе продолжиме со реформите, со промените, како ќе продолжиме да ја градиме економски, силна, просперитетна европска Македонија. Во недела, граѓаните избираат кој ќе биде на власт. Во недела е денот кога граѓаните ќе кажат кој ќе управува со државата. Кој ќе ја претставува државата. Во недела е денот, кога треба да избереме кој ќе продолжи да ја гради, да ја претставува Македонија. Затоа во мојата програма стои: „дека мора да изградиме доверба меѓу општеството и државата во Македонија“. Доверба меѓу граѓанинот и институциите во Македонија. Доверба, која е клуч за одговорноста. Во недела го имате вашиот глас. Вашиот глас е право да се избере од понудените опции, да изберете кандидати, кандидати кои се одговорни кои работат според програма и даваат отчет. Тоа е новата политика во Македонија. Затоа граѓаните за овие години во демократија научија да прават разлика. Да прават разлика меѓу оние што се натпреваруваат со убави зборови, со празни ветувања, и тие што даваат конкретни програми, и даваат отчет, за повторно да добијат доверба. Доверба од вас, истакна Иванов.

Тој порача дека во недела гласот на народот одлучува кој ќе биде Претседател на Република Македонија. Кој ќе биде пратеник во Собранието, кој ќе добие мнозинство да формира Влада во Република Македонија.

-Тоа се најбитните институции во една современа држава. Вие го давате мандатот.  Веќе првиот ден после изборите, во  понеделник одговорноста ќе ја преземат тие за кои ќе гласаат мнозинството граѓани во Република Македонија.

Затоа велам, да бидеш избран од граѓаните не е само чест или привилегија, тоа е и голема одговорност. Пет години како Претседател на Република Македонија, бев со граѓаните и одговорно ја вршев функцијата.  Секоја своја одлука,  секој мој  искажан збор,  секој мој изнесен став – и дома и надвор, беше затоа што од вас го имам вашиот глас.  Да бидам ваш глас. Да го претставувам тоа што вие го сакате и го посакувате за Република Македонија.

Кажав и ќе повторам. Слушајќи го вашиот глас, слушајќи ги вашите потреби, слушајќи ги вашите проблеми, слушајќи го вашето мислење за Република Македонија, кажав и ќе повторам, не прифаќам промена на Уставот на Република Македонија. Не прифаќам промена на Уставот, со цел да се промени  уставното име – Република Македонија. Не прифаќам идеи и предлози што би го загрозиле македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, и македонскиот модел на соживот. Народот го има и првиот и последниот збор за ова прашање, рече Иванов.

Довербата меѓу граѓаните и институциите се гради секојдневно, посочи тој додавајќи дека довербата се гради со секое дело, се гради со сето она што останува зад нас.

-Затоа велиме дека нашите дела се погласни од нашите зборови.Тоа што го правиме, и тоа што ќе го оставиме за сите идни поколенија да живеат во европска Македонија. Да живеат во држава во која се мисли за секого.

Во Македонија се мисли и за земјоделците, и затоа се делат субвенции. Се мисли и на пензионерите и затоа се зголемуваат пензиите.Се мисли и за студентите и затоа се делат стипендии. Во Македонија се мисли на учениците, затоа имаат бесплатни учебници. Секоја категорија на граѓани во Македонија имаат свое место во програмите на Владата и мојата програма. Затоа ја добиваме вашата доверба. Затоа што сме искрени кон вас. Го кажуваме само она што можеме да го исполниме. Покажавме дека Македонија може да успее. Но и секој може да успее во Македонија. За тоа сведочат странските инвестиции, за тоа сведочат домашните инвеститори, за тоа сведочат успесите што  ги постигнува секој во Македонија. И во спортот и во културата, и во уметноста и во науката. Секој што сака да успее може да успее во Македонија. Само така успева цела Македонија. Затоа што сите сме Македонија. Покажавме дека можеме да водиме одговорна економска политика. Тоа го покажавме затоа што работевме заедно, настапувавме како тим, покажавме дека институциите во Македонија, не само што треба да соработуваат, туку мора да соработуваат во интерес на граѓаните на Република Македонија. Покажавме како треба да функционираат и Претседателот на државата и Премиерот, и пратениците и градоначалниците. Кога сме посветени, на потребите на граѓаните, тогаш ја добиваме довербата од граѓаните. Затоа сме ви благодарни што ја препознавте разликата.Наша цел е да создадеме економски силна и развиена Македонија. Но, да имаме и напредна земјоделска Македонија. Да имаме земја во која младите можат да добијат квалитетно образование, земја во која можат да основаат свои семејства и да создадат потомство, истакна Иванов.

Тој им порача на граѓаните од Бутел: „На 27 април имаме навистина исклучителни избори. Имаме избори кога од вашиот глас зависи, каква Македонија ќе градиме. Од вашиот глас зависи дали ќе продолжиме со реформите, дали ќе продолжиме со економскиот успех на Македонија, дали ќе продолжиме со успех на секој поединец во оваа држава. Затоа овие избори се важни избори. Ве повикувам да излезете масовно да гласате на 27 април. Затоа што секој ваш глас, за мене, за ВМРО-ДПМНЕ , за Коалицијата за подобра Македонија е глас са вас, за вашите семејства, за вашите општини, глас за Македонија“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top