На 13 април направивме голема разлика, разлика од 123 илјади гласа. Но, најголемата разлика ја направивме вие во Гази Баба. Затоа ги поздравувам Унијата на млади сили, Унијата на жени, Унијата на ветерани на Гази Баба, сите што ја напавија разлика – изјави Ѓорге Иванов, кандидатот за претседател на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ на денешниот митинг во Гази Баба.
– Благодарам што со вашиот глас потврдивте дека водиме исправна политика, исправна политика за Република Македонија. Благодарам што ја потврдивте политиката, и што ни овозможува денес, да бидеме меѓу вас со чист образ. Со чист образ затоа што покажавме дека и во политиката се почитуваат принципи. Дека и во политиката може да се биде чесен, да се биде искрен и да се биде вреден. Тоа вие го наградувате. Искреноста значи да се има јасен став за сите прашања, за интересите на граѓаните на Република Македонија. Чесноста значи работа, и само работа. Чесно да се работи за интересите на граѓаните на Република Македонија. Трудољубивостзначи не да се седи во кабинет, туку да се биде со граѓаните. Од граѓаните да се дознаваат нивните потреби, нивните проблеми, и на основа на тоа да се прави програма на чија основа се добива вашата доверба. Со чесност придонесуваме кон стабилна Македонија. Само чесни луѓе, луѓе од збор, стабилни луѓе, можат да градат стабилна држава. Држава во која владее правото, држава во која сите сме еднакви пред законот. Со искреност градиме доверба меѓу државата и граѓаните. Излегуваме пред вас, исто онака како што излеговме пред пет години со конкретна програма.Неодамна поднесовме и отчет, да ви кажеме што сме сработиле. Знаеме дека граѓаните ја почитуваат искреноста и ја наградуваат искреноста, рече Иванов.
Тој пред граѓаните од Гази Баба истакна дека од меѓусебната доверба се гради нова верба, вербадека Македонија може да успее и дека во Македонија секој може да успее.
-Покажавте дека и во Македонија се менува политиката. Дека политиката не се вреднува само со убави зборови и празни ветувања. Покажавте дека политиката се вреднува со број на отворени работни места, со економски просперитет и успех на Македонија. Тоа е успешна политика. За овие пет години покажавме дека институциите не само што треба туку и мора да соработуваат. Кога соработуваат институциите во Македонија имаме израз на заедништво. Имаме еден глас кој ја претставува Македонија низ сите институции низ светот. Кога имаме единство во државниот врв, имаме и успеси. Тогаш не почитуваат од надвор. Тогаш сите ја забележуваат разликата.
За тоа сведочат и 5-те извештаи што ги добивме и 5-те препораки за почеток на преговори со Европската унија. За тоа говорат извештаите на сите светски финансиски институции кои неколку години ја рангираат Македонија како една од најповолните дестинации за отпочнување и за водење бизнис.. За тоа, пред сè, говори и довербата што граѓаните ни ја даваат на изборите, бидејќи препознаваат разлика. Претседателот на Република Македонија е избран од граѓаните и тој мора да биде постојано со граѓаните. Така беше и во изминатите пет години. Пет години бев со моите сограѓани. Но и тие доаѓаа кај мене, во Кабинетот, да кажат што ги тишти, да кажат што мислат за клучните прашања за државата. Можам да го сослушам секој и да забележам дека се менува ставот на граѓаните во Македонија. Нашите граѓани стануваат свесни за сите проблеми и предизвици со кои се соочува Македонија и за нив имаат свој став. Затоа го одбравме мотото на оваа кампања да ни биде „Државата ни е пред се“, затоа што Македонија ни е пред се, а Македонија сме сите ние. Без разлика на етничка, религиозна припадност. Без разлика кој од каде потекнува. Сите ние сме Македонија, истакна Иванов.
Тој рече дека изминативе 5 години докажал дека неговиот даден збор е негова обврска. Неговата програма, рече, е програма на граѓаните кои го трасираат патот по кој треба да се води Македонија.
-Македонија, како економски силна и просперитетна држава. Македонија членка на Европската унија и членка на НАТО. Македонија која гради добри односи со сите свои соседи.Македонија која е посветена на младите, која инвестира во нивно квалитетно образование и отворање перспективи да живеат и да работат во Македонија. Да основаат семејства младите во Македонија, да оставаат свое потомство во Македонија. Македонија, држава во која се негува вековната традиција, традиција на соживот. Земја во која се почитуваат сета различитост.Но, Македонија е земја на солидарноста, која е дом на благосостојба на сите граѓани на Република Македонија.Затоа почитувани граѓани, Вашиот глас за мене, вашиот глас за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ е глас за самите вас, глас за вашите семејства, глас за вашите општини, глас за Македонија. Да ја оствариме нашата историска цел, и со гордост да кажеме: Македонија оди по патот на напредокот, Македонија се гради,Тоа е наш заеднички успех, успех на Македонија, истакна Иванов.
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Македонија ги повика граѓаните масовно да излезат во недела да гласаат за иднината на Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Кабинет на Иванов: Претседателот ќе се обрати пред Парламентот!
-
Иванов: Албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество
-
Иванов го честиташе 11 Октомври: Достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме
-
Иванов во Њу Џерси: Конечната одговорност е на македонските граѓани