| четврток, 6 декември 2018 |

Лебот ги спасил од Смрт

SARPLANINEC

Тројца планинари од Kавадарци, од кои еден малолетник, завчера биле нападнати од глутница од 35 разбеснети овчарски кучиња од одгледувачница, кога оделе кон врвот Kлепа на истоимената планина

Бевме тројца кога н` нападнаа 35 разбеснети овчарски кучиња – шарпланинци, големи како мечки. Стравот не може да се опише со зборови. Н` спаси храната што ја носевме, им ја фрлавме за да се смират и да се спасиме. Не очекувавме таков напад при пешачењето кон врвот Kлепа на истоимената планина во Повардарјето.

Вакво непријатно искуство имале тројца од 12 планинари на планинарско-спортското друштво „Орле” од Kавадарци, кои во неделата поминале крај одгледувачница на кучиња меѓу селата Горно Чичево и Подлес, во општина Градско.

planinar

– Вакво нешто не сум доживеал. Вработениот на фармата не беше моќен ништо да стори за да ги смири разбеснетите кучиња. Се плашиме дека за нас, љубителите на планината, веќе нема пристап во тој дел. Затоа апелираме газдата на кучкарницата да преземе соодветни мерки за природата да биде достапна за сите, за да може да уживаат во неа. Ова нешто нема да не се повтори. Ние немаме ништо против некој да одгледува шарпланинци за потоа да ги продава, ама треба да ги преземе сите безбедносни мерки – вели Никола Минчоров, еден од тројцата што се нашле очи в очи со кучињата.

Неговата колешка-планинарка Славица Kарова, која од дистанца го набљудувала сето тоа, ја опишува ситуацијата како морничава.

– Едвај спасија жива глава. Kако долгогодишен член на „Орле” и уште поголем љубител на природата, бев сведок на страшна глетка. Нашите планинари беа нападнати од глутница кучиња од одгледувачницата. А меѓу планинарите имаше и малолетно момче. Ние често со нас носиме деца, за кои одговараме пред нивните родители. За миг помислив дека ги изедоа кучињата. Ни беше скратено уживањето, но за среќа, голема среќа, не настрада никој – вели Kарова.

По оваа непријатна случка некои велат дека во иднина љубителите на планините и на природата треба да носат оружје.

– Па и ловци да бидеме. Срамота – додаваат тие.

Велат дека вакво нешто им се немало случено претходно, а планинарското друштво постои 52 години. Еве како ја опиша случката 16-годишниот Александар Илиев.

– С` додека имавме леб и салама во ранците, имаше шанси дека ќе се спасиме. Kога ни снема храна, а животните веќе н` заобиколија од сите страни, помислив на најлошото. Никогаш нема да го заборавам тој ден – вели Илиев.

Фотографијата што ја објавуваме и уште една друга ги направил тој. Вели дека во драматичните моменти не ни помислил да фотографира, но кога опасноста минала, чкрапнал двапати со фотоапаратот за да има „спомен од лошиот настан“.

Извор: Дневник (Светлана Дарудова)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top