| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Граѓаните на 13 април потврдија дека водиме исправни политики

На 13 април граѓаните на Македонија ни потврдија дека водиме исправни политики. Граѓаните кажаа што е најбитно во нивниот живот. Покажаа дека го почитуваат сето она што е направено за Македонија, ги почитуваат делата, просперитетот и економскиот успех, истакна кандидатот за претседател на коалицијата „За подобра Македонија“, Ѓорге Иванов на митингот во скопски Карпош.

Честитајќи им го на граѓаните големиот христијански празник Велигден, Иванов рече дека ќе ги застапува стратешките политики на државата и политиките на Владата кои носат подобар живот за сите граѓани.

– Знаете дека ги поддржувам сите политики што ви овозможуваат поквалитетен и подобар живот. Има ли поквалитетна соработка меѓу институциите. Има ли можност да се покаже нешто повеќе, освен плодна соработка. Кога институциите соработуваат, тогаш се видливи и резултатите. Тоа е начинот на работа, кога се работи тимски. И претседателот и премиерот, и министрите и градоначалниците, и пратениците и советниците. Кога се работи тимски тогаш граѓаните знаат да ја препознаат разликата. Тогаш граѓаните знаат дека сето тоа е за подобра иднина на Македонија. Дека сето тоа се прави да имаме поквалитетен живот за сите нас. Затоа видливи се резултатите и затоа правите разлика, нагласи Иванов.

Тој оцени дека Македонија е веќе препознатлива во светот на инвеститорите, оти се отвораат слободни економски зони и се создаваат услови за водење бизнис. Истакна дека се обезбедени нови пазари за македонските производи и нови можности за македонските компании.

– Успеавме да започнеме со изградба на стратешка инфраструктура. Автопатишта се градат низ Македонија. Се модернизира пругата. Во Македонија се инвестира за иднината. За да привлечеме што повеќе странски инвестиции, да овозможиме домашните инвеститори да вложуваат и да отвораат нови работни места, рече Иванов.

Тој додаде дека сето ова е постигнато во услови на светската економска криза. Под такви услови, нагласи, Македонија покажа дека може да создава економија која има раст.

– Токму тоа го препознаа граѓаните на 13 април. Одговорот го дадоа граѓаните. Има многу уште да се работи. Многу зафати се пред нас. Многу предизвици стојат пред нас. Но кога сме заедно, кога соработуваме, кога сме единствени, тогаш и другите не почитуваат. Така се гради Македонија. Се гради Македонија со соработка. Секоја соработка носи успех. И затоа мора сите институции во државата да соработуваат, потенцира Иванов.

Во однос на надворешната политика, Иванов рече дека Македонија е почитувана членка на меѓународната заедница и оти пресудата на Меѓународниот суд на правдата го потврдува она што го водат како политика на државата.

– Македонија е целосно подготвена да биде членка на НАТО и членка на Европската унија. Петте позитивни извештаи, петте препораки, за почеток на преговорите, кажуваат дека работевме вредно, дека работевме да се остварат стратешките цели на Република Македонија. Успеавме да обезбедиме и визна либерализација за нашите граѓани. Успеавме да ги зацврстиме стратешките партнерства, но и да создаваме нови, рече Иванов.

Повикувајќи ги граѓаните да излезат масовно на гласање во вториот круг, Иванов посочи дека од овие избори ќе зависи како ќе изгледа Македонија во иднина.

– Од тие избори ќе зависи каква Македонија ќе оставиме на нашите деца. Затоа ве повикувам на 27 април масовно да излезете и да гласате. Да гласате за себе, да гласате за вашите семејства, да гласате за Република Македонија. Да гласате за тимот кој победува. Да гласате за тимот кој носи резултати и економски просперитет и успех, рече Иванов.

Ве повикувам, нагласи Иванов, да го дадете вашиот глас за подобра, поквалитетна, европска Македонија.

– Затоа посакувам волјата на граѓаните на тие избори, да биде волја која ќе го трасира нашиот пат, како ќе ја градиме Македонија. Волјата на граѓаните е конечна волја. Таа кажува на кого се дава довербата. Ние досега покажавме дека довербата што ја имавме не ја изневеривме. Работевме да ги оствариме стратешките цели на Република Македонија, подвлече Иванов на митингот во Карпош.

Коалицијата „За подобра Македонија“ вечерва ќе одржи уште еден митинг во скопската населба Центар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top