| четврток, 6 декември 2018 |

Гарабет Тавитјан – Гаро: Сликам со магдонос и со црвен пипер

garo

Речиси 40 години сликарството е страст на легендарниот тапанар Гарабет Тавитјан. За неговите дела тој користи оригинална техника и необични материјали – македонски и традиционални зачини од балканската кујна.

Женска шапка е една од првите слики на Гаро, како што вели неговата сопруга Слаѓана, стара колку постариот син Диран – 37 години. Зелената боја на шапката е мешавина од оригано и магдонос, сината ја добива кога ќе ја измеша жолтата од сувиот зачин со зелената на магдоносот, а растворот од црвен пипер му ја дава најприродната црвена боја. Во дел од сликите тој користи и вештачки бои и поликолор. Гаро и Слаѓана нe пречекаа во нивниот дом во центарот на Скопје, пред изложбата која ќе се одржи по Велигден. Приказната започна со првата слика на Гаро, на која на апстрактен начин ја нацртал неговата сопруга. Таа слика има централно место во нивниот дом.

“Првата слика ми е во акварел техника, и по неа многу размислував. Ги гледав боите од природата, црвената на пиперката, на пример, и си помислив дека никогаш со вештачка боја не можам да добијам таков колорит. Па ги зедов сите зачини од кујната на Слаѓана – црвен пипер, копар, магдонос, оригано, сув зачин, чубрица, кари, ѓумбир, дел од нив растворив со вода, и ги добив боите кои ги посакав. За да започнам да го правам ова, многу ме охрабри уметникот Теофил Шулајковски. Тој беше еден од првите кој ги виде моите дела, и ми вели: ‘Гаро, ти имаш страшен колорит’. И така почнав. Кога ги мешам боите, кога започнувам со една слика, немам поим што е и што ќе излезе. Инспирација добивам додека ја работам, а обично ми се слики од животот. Ја гледате оваа, тоа е една девојка од Шпанија, со кринолина, како танцува фламенко. Оваа ми е највесела композиција – деца и многу шарени велигденски јајца”, раскажува Гаро со насмевка.

Целиот разговор со Гаро можете да го прочитате во Вест.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top