| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Ќе продолжам да отварам нови можности за македонската економија

Претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ Ѓорге Иванов на денешниот митинг во скопската општина Кисела Вода истакна дека кога се работи за Македонија се работи за заеднички цели. Само со соработка меѓу институциите, меѓу власта и опозицијата, меѓу власта и стопанството, можат да се остварат клучните цели за Република Македонија.

ivanov radovis

Тој додаде дека тие се сигурни и имаат јасна визија за просперитетна Македонија, бидејќи, вели, и во годините на големата криза направивме многу, а „тоа го постигнавме затоа што го направивме заедно, бидејќи имавме единство“.

– Во изминатите години покажавме дека институциите во Република Македонија може да соработуваат и треба да соработуваат – изјави Иванов.

Според него, една од главните функции на претседателот на Република Македонија е да ги поттикнува сите релации на соработка, а во неговата програма, клучен збор е зборот соработка.

– Се трудев сите ваши идеи, сите ваши потреби, сиот ваш глас да биде дел од мојата програма. Тоа е програма на граѓаните со кои постојано бев во текот на мојот мандат. Тоа е програма со визија, со реално остварливи цели. Затоа во програмата стои дека Македонија мора да биде економски силна и развиена држава. Македонија да биде држава во која се
отвораат нови и нови работни места во кои се отвораат нови фабрики. Македонија да биде напредна земјоделска земја. Македонија, земја која обезбедува иднина за младите, и која им дава квалитетно образование и можност за работа. Македонија како земја на солидарноста – рече Иванов.

Како претседател во неговиот прв мандат, подвлече Иванов, во неговите приоритети била економијата, која ја ставил на исто ниво како и безбедноста и надворешната политика.

– За да биде просперитетна дома, ценета надвор, Македонија мора да биде економски силна и развиена. Да биде држава која може да им овозможи на своите граѓани економска сигурност – да има плата за вработените, пензии за пензионерите, да има социјална помош за ранливите групи, но и стипендии за студентите, субвенции за земјоделците. Држава која ќе
создава услови за нови странски инвестиции, за нови фабрики, за нови работни места. Затоа, во се што правам, ќе продолжам да отварам нови можности за македонската економија, нови пазари за македонските производи – рече Иванов.

Според него, сите овие цели се остварливи само ако се работи тимски.

– На Македонија не и е доволно ниту една институција, ниту само еден политичар, ниту една партија. На Македонија и е подеднакво потребен секој нејзин граѓанин. Затоа Македонија ја градиме како тим. За Македонија се бориме како еден тим – рече Иванов и побара од граѓаните со уште помасовна поддршка да излезат на 27 април за да понесат двојна победа во Македонија – на претседателските и на парламентарните избори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top