| четврток, 6 декември 2018 |

Кабриолет што поставува нови стандарди

Баварската автомобилска компанија БМВ продолжува со пријатните изненадувања оваа година. По новите модели на Х3 и М4 купе, БМВ најави и кабриолет „М4 конвертибл“

Исто како и М4 купе, и кабриолетот се одликува со агресивно дизајнирана каросерија која совршено ја следи филозофијата на баварските модели со ознака „М“. Суштинската разлика е подвижниот тврд покрив, кој со помош на електромотор се склопува во багажниот простор за 20 секунди. Целата операција на спуштање или подигнување на покривот може да се изврши и во движење, но не со брзина поголема од 18 километри на час.

Avto84-2

Внатрешноста е идентична како во купето, со кожени делови во ентериерот и со посебни спортски седишта.

Карактеристично за новиот член во семејството „М“ се препознатливиот знак на праговите и рачката на менувачот.

Avto84-4

Кабриолетот ќе го придвижува трилитарски мотор со шест цилиндри, кој со помош на двата турбополначи развива 425 коњски сили со обртен момент од 550 њутн-метри. Забрзувањето до 100 километри на час е за 4,2 секунди со седумстепениот автоматски менувач или за 4,4 секунди ако преносот се врши со шестстепен рачен менувач.

Avto84-5

Во двата случаи, максималната брзина е ограничена на 250 километри на час. Со овој модел сериски пристигнува активен диференцијал, моќни сопирачки и приспособлив електромеханички сервоуправувач.

Во опција може да се добијат три режими на работа, комфор, спорт и спорт плус, а може да се доплати и за карбонско-керамички сопирачки.

„М4 конвертибл“ ќе биде претставен на Саемот за автомобили во Њујорк на крајот на месецов.

Avto84-3

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top