Припадници на Секторот за вонредни состојби при српското МВР, од подрачјето на Прокупље поради поплавите предизвикани од надојдената река Топлица директно спасиле 22 лица од повеќе објекти. Спасени се и двајца мажи од покриви на автомобили.
Претставникот на Секторот за вонредни состојби во Прокупље Владо Племиќ изјави дека бранот поплави на подрачјето на Прокупље полека почнува да стагнира и оти се упатил кон правец на Житораѓа, каде е префрлен дел од силите на Секторот за вонредни состојби.
Поради поплавите прогласена е вонредна состојба во Куршумлија, Лучани и Пожега.
Најзагрозена точка во Србија во моментот е Заечар, каде исто така е прогласена вонредна состојба.

На подрачјето на Куршумлија водата и натаму надоаѓа, во прекин се телефонските врски, Интернетот, мобилната телефонија, јави Танјуг. Во овој град загрозено е и снабдувањето со вода за пиење, а се очекува цистерни со вода да пристигнат утрово. Оштетени се повеќе станбени и економски објекти во градот и околните села, а земјоделците ќе претрпат најголема штета.

Многу села се отсечени од градот поради поплави и одрони, а патиштата се пресечени и кон три околни бањи. Многу луѓе се евакуирани.
„Патишта на Србија“ издадоа предупредување на сите учесници во сообраќајот да бидат претпазливи поради одрони особено на патот Голубац-Поречки мост-ХЕЦ Ѓердап.

Синоќа целосен прекин на сообраќајот имаше на државниот пат број 30, делница Ивањица- Ушќе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


