| четврток, 6 декември 2018 |

Велигденска порака на г.г. Стефан: не е доволно да тврдиме дека имаме љубов за сите, треба и на дело да покажеме

г.г. стефан

„Основната цел на животот во Црквата, на светите тајни и на подвигот, е ослободувањето на човекот од ропството на гревот и на смртта. Само ако живееме на таков начин, ние ќе можеме да се измириме со Бога. И не се помирува Бог со човекот, туку човекот со Бога и преку тоа од непријател станува Божји пријател и учествува во Христовото воскресение. Трнлив и макотрпен е тој пат, но по неговото изодување нашето срце станува достојно и достоинствено живеалиште за Бога. Само со такво живеење ќе бидеме удостоени постојано да го гледаме Воскреснатиот Христос до нас“, пишува во велигденското обраќање на архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.
Тој истакнува дека тајната на Воскресението има централно место и е најважен настан во учењето и во животот на светата Црква, која се состои во Христовата победа над гревот и смртта, победа која Синот Божји ја извојува не за Себеси, туку за целокупното човештво.
„Времето во кое живееме изобилува со многу искушенија. И на личен и на општествен план трпиме најразлични напади, кои некогаш се отворени, а не ретко се затскриени под превезот на правдата и слободата. За жал, многумина денес живеат и ги воспитуваат идните генерации со она богоборечко и нечовекољубиво размислување дека другиот човек е мојот пекол. Доживувајќи го присуството и делувањето на ближниот како закана за нашата слобода, ние доброволно прифаќаме да останеме под ропство на смртта. Човекот е создаден за заедница, а не за да живее како единка, сам за себе. Настанот на Воскресението нè повикува да го чуваме единството, духовно и национално, за доброто на нашата Црква и Татковина, и никогаш личните да не ни бидат пред заедничките интереси. Токму поради тоа Бог ни дава различни дарови, коишто треба да ги развиваме и употребуваме за доброто и напредокот, и својот, но истовремено и на сите“, напиша г.г. Стефан во велигденското обраќање.
„Често се случува сопствените удопства, и душевни и материјални, да ни бидат помили од ближниот, иако тоа свесно не го признаваме. Затоа е потребно да стражариме над своето срце и уште на почетокот да ги одбиеме сите себељубиви и страсни помисли, кои лесно стануваат дел од нашиот живот и однесување. Не е доволно само на збор да тврдиме дека имаме љубов и грижа за другите, туку тоа треба, пред сè, да го покажеме и докажеме на дело“, порача поглаварот на МПЦ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top