| четврток, 6 декември 2018 |

Ликот на Заев се појави во Јајце

Jajce_1

Ликот на претседателот на СДСМ Зоран Заев утрово се појавил во Јајце, БиХ, јавуваат тамошните медиуми.

Според нив, навидум обичниот петок во близина на историското место во кое се одржало второто заседание на АВНОЈ станал предмет на истражување на љубителите на парапсихологијата и феномените откако на едно дрво се појавил ликот на претседателот на СДСМ. Го забележале случајни минувачи кои биле во прошетка во непосредна близина.

„Се уплашивме… Бога ми се уплашивме јас и Исмета (н.з. сопругата) често пешачиме во близина на водопадите на реката Плива, така беше и ова утро. Сакавме да ги размрдаме нозете, подотвивме по еден сендвич, таа зеде сок, јас две-три лименки пиво и тргнавме во разонода. Се шетаме околу водопадите, седнавме да одмориме, земав едно пиво и само што ја испив првата голтка, се случи чудо… На еден стар даб на кората гледам лик на еден господин со маршалската капа на Тито. Не ми се веруваше, мислев дека од една голтка ме фатило пијанство. Се завртев кон сопругата и видов дека и таа е вџашена“, возбудено раскажува Мендо Тачихевич.

Тој продолжува со објаснувањето дека пополека се приближиле кон дрвото кога се случило уште поголемо чудо:

„Одеднаш, како што се приближивме, кората на дабот како да оживеа одеднаш. Започна да вибрира, да се движи, не знам брате како да ти објаснам… Ликот пред нас започна да зборува на некој чуден јазик. Исмета ме убедуваше дека е шпански, ама јас познав дека станува збор за наш брат, стар словен, кој ми делуваше дека е пресреќен што не гледа. Нон стоп зборуваше нешто како „живи луѓе, живи човеци“. Тогаш сфатив дека станува збор за Македонец кој ни се радува што сме тука со него. Војска служев во Кавадарци, па се сетив на неколку зборови кои ми беа познати“, додава Мендо.

„Му реков: ко си ти бре човече и шта желиш, ба. Тој говореше на чуден Македонски: „Повелејте не плашетејсе, јас сум тука да ја ослободам Македонија да ја направам пак држава, мамката. Држава да биде Македонија, да се збратимеме сос сродните народи од околе Македонија се до Триглава как шо се веле во песната“. Ова траеше неколку минути, човекот беше премногу фин, дури и ми пееше неколку рефрени од песни и викаше „јас сум самурај, самурај сам јас, гласувајте за мене“, после што мистериозно исчезна, како што и се појави“, вели Тачихевич.

Случајот го пријавиле во полиција, од каде што биле упатени на македонската амбасада во Сарајево, за да го идентификуваат ликот кој се појавил во Јајце. Таму, Мендо и Исмета го препознале господинот Зоран Заев, на еден од весниците во амбасадата, тврдејќи дека токму тој им пеел од дрвото близу водопадите.

„На крај сфатив и зошто сакаше да гласаме за него. Во амбасадата ми кажаа дека станува збор за лидерот на опозицијата кој иако не се наоѓа на листа за кандидат за пратеник, лобира за неговата партија поздравувајќи се со сите луѓе во Македонија. Па помислив дека при некоја лоби-сеанса и мантрање за спас на неговата партија, паднал во транс и некако стигнал во Јајце. Од каде да знам, испив само една голтка пиво, толку знам. А можеби и би го гласал, убаво пееше. Никогаш не сум видел пред ова некое дрво да пее“, ја завршува својата приказна Мендо Тачихевич.

Балканските парапсихолози се упатија кон Јајце за да го испитаат местото на кое се појавил ликот на Заев. Неофицијално, за да го привлечат повторно да се појави ќе користат монтирани говори на премиерот Груевски во кои тој наводно ќе зборува за враќањето на средната класа како единствена точка од програмата на ВМРО ДПМНЕ на престојните избори.

Кромиди Запад

***  Целта на „Кромиди запад“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со правите луѓе и институции е случајна.  

Кромиди Запад

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top