Проектите се однесуваат за доистражување и конзерваторско-реставраторски зафати на источната половина од гледалиштето на Театарот, и проектот за реализација на финалната фаза за враќање на мозаикот во наосот на Старата епископска базилика. Театарот во Стоби е еден од најрепрезентативните објекти од римскиот период, на кој заради големината и комплексноста истражувањата и конзервацијата се изведуваат во неколку фази.
Од тие причини годинава ќе се работи на двата сегменти на гледалиштето во источната, а потоа и на западната половина на театарот. Со проектот се предвидува реконструкција на мермерните седишта во источната половина, со што капацитетот на градбата за одржување културни настани двојно ќе се зголеми.
Археолозите во изминатиот период интензивно работеа и на проектот за конзервација на мозаикот во крстилницата на Епископската базилика, а работите годинава ќе финишираат со негово враќање во базиликата. Враќањето на мозаикот кој по подолго време конечно ќе и биде достапен на јавноста, ќе биде атракција не само за посетителите туку и за голем дел од научната јавност.
Во рамки на музејската дејност ќе се вршат археолошки истражувања на комплексот околу Храмот на Изида, а особено внимание ќе се посвети на конзервација на движниот археолошки материјал: предмети од метал и стакло и камени споменици. Одобрени се средства и за конзервација на мермерната скулптура на Афродита, за која предлог проектот е во фаза на подготовка.
Националната установа Стоби и годинава на овој наш најголем и најзначаен археолошки локалитет ќе ги реализира и двете меѓународни летни школи: во јуни ќе се одржи школата за конзервација на керамични садови и мозаик, а во текот на јули летната археолошка школа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.