| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Довербата на граѓаните потврда за исправноста на нашата политика

Довербата на граѓаните е доверба во политиката на одбрана на државните и националните интереси. И во спорот за разликата околу името, и во надворешната и во безбедносната политика што ја води Република Македонија. И во
реформите што ги спроведуваме.

Граѓаните ја одбираат иднината и подобриот живот. Тоа го кажаа на сите избори во изминатиот период. И претседателските, и парламентарните и локалните. Тоа го кажавте вие на 13 април, на првиот круг, истакна на вечерашниот митинг во Берово кандидатот за претседател на Република Македонија од ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов. Вашата поддршка, рече тој, јасно кажува – веруваме во Македонија, вашата доверба за нас значи дека сакате заедно да ја градиме Македонија.

– Сега е време кога треба да се направат нови заложби за македонскиот просперитет. Светот е во постојан натпревар за инвестиции и за развој. И ние сме дел од таквиот свет. И нашите политики се прилагодуваат на новите, променети околности. Во такви околности на Македонија и требаат политичари кои држат до принципи, кои јасно знаат што прават и знаат да управуваат. Нема место за импровизации. Само такви политичари може да испорачаат резултати. Конзистентни политики и способни луѓе во политиката – тоа е рецептот за успех и за стекнување доверба, порача Иванов.

Заеднички ја земаме одговорноста, истакна тој, дека ќе ја вратиме надежта, дека заедно со вас одново ќе започнеме да градиме врз пустошот кој го оставија транзицијата и неодговорни политичари од претходниот период.

– Заеднички да ја оствариме нашата главна цел. Денес со гордост да кажеме – Македонија тргна по патот на напредокот, Македонија се гради. Денес стоиме пред вас како тим, и повторно ја бараме вашата доверба за да продолжиме да работиме со ист интензитет. Денес стоиме пред вас, подготвени да работиме за нов мандат, да реализираме уште илјадници
нови проекти, да отвориме уште десетици илјади нови работни места, за нашите деца, за нашата иднина. На 27 април, вие го имате последниот збор. Вие носите одлука како ќе изгледа Македонија во следните години. Вие одлучувате дали ќе има соработка меѓу институциите, дали ќе има напредок и просперитет на државата, или повторно ќе имаме конфронтации, блокади, лични и тесни партиски интереси. Вие одлучувате како ќе се штитат државните интереси, рече Иванов пред беровчани.

На избори, додаде тој, избирачите го имаат правото да одлучат кому ќе му ја дадат довербата за развојот и за иднината на Македонија.

– Нашата одговорност е не само за сегашните, туку и за идните генерации. Затоа ги повикувам сите граѓани помасовно да излезат на 27 април. Направете вистинска одлука, на 27 април дајте го вашиот глас. Поттикнете ги сите оние што не излегоа, во недела да гласаат. Да имаме масовна излезност. Да гласаат за себе, да гласаат за своите семејства, да гласаат за своите општини. Да гласаат за својата држава. Да гласаат за иднината на Македонија, истакна кандидатот за претседател на Република Македонија.

Заблагодарувајќи им се на граѓаните за поддршката во првиот круг од претседателските избори, Иванов истакна, оти таа е потврда дека политиката која ја води државниот врв е исправна. Вашите гласови, рече тој, се потврда за вашата верба дека Македонија може да успее и дека во Македонија може да се успее.

– Вашата доверба е вткаена во секое изградено училиште, спортски терен, болница. Секој нов изграден пат, секоја нова индустриска зона, секоја нова странска инвестиција, секоја нова фабрика, секое ново работно место. Сето она што го прави животот на граѓаните на Македонија постабилен и подобар. Се враќа надежта кај македонските граѓани, се враќа
нивното достоинство. Тоа е наш, заеднички успех, тоа е успехот на Македонија. Но, тука не застануваме. Пред нас има уште многу, многу работа, рече Иванов.

Додаде дека тој и владиниот тим предводен од премиерот Никола Груевски и натаму ќе продолжат чесно, посветено и напорно да работат за да создадат подобри услови во Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top