| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов од родното Валандово: Успехот на секој политичар се мери по бројот на отворени нови работни места

Кандидатот за претседател на Република Македонија од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ Ѓорге Иванов вечерва на митинг во неговиот роден град Валандово им се заблагодари на граѓаните за поддршката во првиот круг од изборите и за тоа што направиле разлика меѓу видливи дела и ветувачки зборови.

– Благодарност и до мое родно Валандово, каде соодносот беше два спрема еден. Можете да бидете признати и успешни насекаде, но кога ве почитуваат во вашето родно место, тогаш тоа е најголемата сатисфакција. Тоа е она што ве мотивира да продолжите и да успевате. Затоа сакам на сите оние што беа неодлучни, што не излегоа да гласаат, на 27 април масовно да излезат и да го дадат својот глас. Масовно да се излезе и да се гласа за да имаме уште
поголема разлика – рече Иванов.

Истакна дека со реформите и законите во изминатите години, направени заедно со Владата, Македонија е економски силна и развиена држава.

– Сето она што до сега се постигна, може секој да го забележи. Македонија ја направивме да биде економски силна и да биде развиена држава – рече Иванов.

Посочи на изградени автопатишта, индустриски зони, нови фабрики за, како што рече, Македонија да биде успешна и место каде младите ќе се вработуваат и ќе создадат иднина.

– Затоа пред сѐ ни е битно да се отвораат нови работни места насекаде низ Македонија. По тоа се мери успехот на секој политичар. Ќе не паметат по тоа колку нови работни места се отворени, додека сме ја имале вашата доверба – рече Иванов.

Во својот говор се осврна на политиките за унапредување на земјоделството, образованието, здравството и социјалата поради кои е награден „Тимот за Македонија“ наспроти други кои, како што рече, многу повеќе се фалат со своите зборови, отколку со своите дела.

– Слушнавме сѐ и сешто. Но граѓаните им одговорија во неделата. Кажаа што почитуваат. Граѓаните кажаа што вреднуваат. Граѓаните кажаа што е за нив најбитно. Битно е она што се остава зад себе. Затоа се гради во Македонија. За идните поколенија да живеат подостоинствен живот. Покажавме дека не бегаме од предизвици. Можеме да се соочиме со секој предизвик на Македонија. Има многу предизвици. Ќе ги има уште. Но, кога сме заедно, кога сме сплотени, кога сме посветени, тогаш можеме да ги совладаме сите предизвици на Република Македонија – додаде Иванов, повикувајќи ги граѓаните од Валандово на вториот круг да гласаат за иднината на Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top