| четврток, 6 декември 2018 |

Бездомни кучиња спасиле паднат човек во Капиштец

Две улични кучиња, кои повеќе години живеат во Kапиштец, со своето лаење предизвикаа внимание кај минувачите и кај станарите од блиските згради и така му помогнаа на еден паднат човек на паркинг, раскажуваат жители од оваа населба, пишува Дневник.

Настанот се случил во минатата недела кога еден скопјанец паднал меѓу возила на паркинг и останал да лежи со часови, поради тоа што не можел ниту да стане ниту да вика од болки во грбот. Бидејќи било темница, никој не го видел, а да не биле кучињата и нивното предупредувачко лаење, можел да остане на бетонот и цела ноќ.

На станарите повредениот човек им раскажал дека останал да лежи до автомобилите неколку часа, изнемоштен од болки и дека животните го спасиле од поголеми компликации.

– Ова се случуваше некаде кај 22 часот. Kучињата лаеја дваесетина минути без престан, а сите одозгора гледавме, но не сфаќавме што се случува. Еден сосед се симна и, што да види, човек лежи и бара помош. Соседите повикаа полиција и брза помош и го однесоа. А кучињата, како да беа задоволни што завршиле добра работа и легнаа да се одморат на тревникот – вели Татјана Чуновска, станарка од Kапиштец и активистка за правата на животните.

Таа смета дека понекогаш неправедно се води хајка против овие животни и поентира дека бројот на каснати граѓани од улични кучиња на годишно ниво е десетпати помал од оние што се каснати од куче со сопственик.

Овие два песа во Kапиштец, како и многу други во скопски населби, се водат како бездомни животни, имаа жолта обетка на ушите како доказ дека се вакцинирани и стерилизирани, но, сепак, некој се грижи за нив и секојдневно ги храни и ги негува. Kонкретно, Чуновска во својот двор од кафулето на улицата Васил Ѓоргов, веќе седум години ја чува Лора, за која направила и комотна куќарка. Таа е расно куче, еден вид хрт, која е оставена на улица од несовесни сопственици. Станарите од црвените кули, пак, ја хранат Мона, црно-бел мелез со густи влакна. Таа веќе десетина години живее кај контејнерите кај Домот за деца без родители „11 Октомври“. Во Kапиштец маалски миленик е и Белчо, млад пес, мешавина од лабрадор. Овие кучиња се мошне долго во населбата, што станарите веќе ги сметаат за заштитни знаци. Ги знаат и децата бидејќи често си играат со нив.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top