Ѓорге Иванов, кандидатот за претседател на ВМРО ДПМНЕ и на Коалцијата „За подобра Македонија“ вечерва одржа митинг во Струга и оттаму порача дека треба масовно да се гласа во вториот круг.
-Имавме успешни, фер и демократски избори, какви што и доликуваат на Македонија. Тоа е успех за Македонија, за сите македонски граѓани. Благодарам за поддржувачите, за ВМРО-ДПМНЕ, за коалицијата За подобра Македонија! Благодарам за нашите иселеници низ светот! Иселениците направија голема разлика. Гласаа за државата, за Република Македонија.Благодарам на сите Стружани што излегоа да гласаат. Им благодарам на сите кои гласаа за мене! Избравте континуитет, избравте проекти и резултати. Избравте посветеност и работа. Избирате чесни, одговорни и вредни луѓе во политиката.Првиот круг го започнав во Охрид. Денес, вториот, одлучувачки круг го започнувам во Струга! Пред 20 дена, тука, на ова исто место ви реков: Струга е вградена во темелите на македонската слобода и државност!Струга е во темелот на Македонија, рече Иванов.
Тој ги повика стружани во вториот круг на изборите, да покажат дека Македонија има цврсти темели. Врз тие темели, рече, се потпира домот изграден од законите и реформите што ги спроведуваме. Инвестициите што ги носиме.
– На еден чекор сме од двојна победа. Но, мора да продолжиме. Мора да го завршиме започнатото.Немојте да мислите дека Македонија може и без вашиот глас. Дека ќе има доволно избирачи. Немојте да се залажувате дека еден глас повеќе или помалку не прави разлика. Секој глас прави разлика, рече Иванов.
– Негативната кампања што се водеше против нас се покажа како неуспешна. Ме напаѓаа без аргументи, со етикети, непристојно. Како и до сега, така и отсега нема да одговараме на такви коментари. Ме знаете веќе 5 години. Секогаш бев меѓу народот. Еден претседател за сите, независно од етничката, верската или која било друга припадност. Затоа за мене гласаа и Македонци и Албанци, и Турци и Власи, и Роми, Срби и Бошњаци. За таква Македонија се залагам. Знаете дека како претседател го бранев и ќе го бранам државното единство на Република Македонија. Ви поднесов отчет за сработеното. Неодамна ви дадов и програма на континуитет во која јасно кажувам каква Македонија ќе градиме доколку повторно ја добиеме вашата доверба.Македонија економски силна и развиена, членка на Европската унија и НАТО. Македонија која гради добри односи со соседите и е отворена кон светот.Држава во која младите ќе можат да добијат квалитетно образование, работа и услови да формираат семејства и да имаат потомство.Македонија како држава во која никој не е над законот, и во која законот никого не обесправува. Сите сме еднакви пред законите.Држава во која се негува вековната традиција на соживот, на прифаќање и на почитување на различноста.Македонија земја на солидарноста и дом на благосостојба за сите. Одговорноста се биде претседател се добива со вашиот глас. Секоја одлука што ја носам е затоа што вие сте ми го дале вашиот глас, истакна Иванов во Струга.
Тој рече дека Струга секогаш најтешко поминувала кога имало мала излезност на изборите.
-Вчера во општина Струга излегле да гласаат само 26% од избирачите. Тоа значи дека 74% од избирачите не гласале.Важно е масовно да се излезе и да се гласа.Вие, што излеговте да гласате можете да ги охрабрите и оние кои не излегле. Можете да ги охрабрите вашите соседи, вашите роднини и пријатели, затоа што се работи и за нив, се работи за нивното право да одлучуваат за иднината на Македонија, право да го трасираат патот по кој ќе чекориме и ние, и нашите деца. Сега е поважно од кога било порано да се гласа. Вие одлучувате за Македонија. Дајте го вашиот глас за Македонија.Ова се едни од најважните избори за Македонија. На 27 април ќе гласате каква Македонија сакате. Во каква Македонија сакате да живеат вашите деца. На 27 април вие одлучувате. Ве повикувам да гласате.Направете ја вистинската одлука. Затоа излезете и гласајте.Да го задржиме и засилиме темпото на развојот, на перманентни реформите, на работата за доброто на сите граѓани. Повеќе пати нагласив: денес, успешноста на политиката се мери со отворање нови работни места. Вчера го дадовте гласот за таква политика. Политика на илјадници проекти и десетици илјади нови работни места. Со таква политика продолжуваме. Излезете и покажете дека Струга е цврст темел на Македонија. Дека Македонија е цврсто втемелена во Струга. Државата ни е пред се! Македонија ни е пред се, посочи Иванов.
Актуелниот претседател и кандидат за истата функција на крај пред стружани посочи дека мора да се заврши започнатото.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.