И покрај големите страдања предизвикани од десетгодишните воени судири на територијата на грчката држава, придружени со воени разурнувања, со убиства, протерувања, со физичко и психичко малтретирање на македонскиот етникум, со забрзано темпо продолжил процесот на трансформирање на протонационалниот во национален идентитет на македонското словенско население. Во овој период од клучно значење било формирањето на македонски вооружените формации, на големиот број македонски организации, отворањето македонски училишта и печатењето многубројни весници на македонски јазик, слободното практикување на културните и на религиозните традиции на македонскиот етникум. Овие институции, несомнено, придонеле во формирањето на македонскиот идентитет, и покрај фактот што биле на ограничена територија во егејскиот дел на Македонија, каде што доминантно било македонското население.

Посебно место во развојот на македонското движење во Грција имал и Народноослободителниот фронт на Македонците во Грција (НОФ). Тој се појавил во една деликатна и многу сложена ситуација во развојот на современата грчка држава и на историјата на македонскиот етникум во Грција. НОФ бил формиран на 23 април 1945 година во Скопје, од македонски дејци од егејскиот дел на Македонија, кои во тој период престојувале во НР Македонија. Во нејзиното формирање учествувале Михајло Керамитчиев, Паскал Митревски, Георги Урдов, Атанас Коровешов, Павле Раковски и Минчо Фотев. Треба да се нагласи дека големо влијание во формирањето на организацијата имало и тогашното раководство на КПМ, кое директно влијаело, преку НОФ, во македонското движење во Грција. Всушност НОФ била прва организација што била формирана во македонската држава, чијашто основна цела била да ги застапува интересите, а со тоа и директно да влијае во формирањето на македонскиот идентитет на териториите на Македонија што биле во состав на соседните држави.
Меѓутоа, НОФ не е случајност. Претходница на оваа организација бил Славјаномакедонскиот народноослободителен фронт (СНОФ), формиран за територијата на Костурско, на 20 октомври 1943 година во селото Д’мбени, додека за Леринско во ноември истата година во
селото Белкамен.
СНОФ печател свој весник, а организацијата правела напори за отворање македонски училишта и за печатење книги на македонски јазик. Сепак, овој национален изблик на македонскиот етникум во Грција бил со краток век на траење. Имено, со повлекувањето на фашистичка Германија од територијата на Грција дошол крајот на Народноослободителната борба, а со тоа и реакцијата на Велика Британија во Грција, со цел да се спречи грчкото комунистичко движење да ја преземе власта во државата.
За разлика од грчката левица, која била дезорентирана по Договорот од Варкиза од февруари 1945 година, а која била предводена од КПГ и кон која се стремело и македонското движење, грчката влада, поддржана од Велика Британија, презела решителни мерки за зацврстување на власта. Паралелно со ова, на териториите на Егејска Македонија се активирале десничарски банди, потпомогнати од владата во Атина, кои почнале да го тероризираат македонското население. Токму поради овие причини бил формиран и НОФ, кој во својот прв Устав јасно нагласил: „борба против грчките монархофашистички агресори, борба за демократија и слободна грчка република, и борба за физички опстанок на Македонците во Грција“.

Првобитната дејност на НОФ се карактеризирала со протести, организирање штрајкови, издавање нелегални весници и летоци, а подоцна и со формирање вооружени групи. Во 1945 година организацијата располагала со 12 вооружени групи во Костурско, со седум во Леринско и со 11 во Воденско и Ениџевардарско. Како што на терен се засилувал НОФ, така неговиот кредибилитет растел, при што станал значаен фактор во северна Грција. Ваквата ситуација ја искористила КПГ, која почнала директни разговори со раководството на НОФ, но и со југословенското раководство. Во меѓувреме вооружените формации на НОФ се приклучиле кон силите на ДАГ, на тој начин застанувајќи на страната на КПГ во Граѓанската војна во Грција. За возврат ДАГ ѝ го признал правото на НОФ на социјална, културна и политичка организација на Македонците во Грција. Меѓутоа, треба да се нагласи дека, иако односите меѓу овие два „партнери“ биле влошени при крајот на Втората светска војна, испреплетени со меѓусебна недоверба, сепак, во тој историски контекст, се чини дека ниту КПГ ниту НОФ немале друга алтернатива.
Исто така, вреди да се спомене дека во рамките на НОФ била формирана организација на Македонките – АФЖ (Антифашистички фронт на жените) и младинската организација ОНОМ (Организација на народноослободителната младина).
Првиот конгрес на НОФ бил одржан на 13 јануари 1948 година во костурското село В’мбел. На него присуствувале околу 500 делегати – членови на НОФ, како и високи претставници на КПГ и на ДАГ. На Конгресот биле донесени Програма и Статут на НОФ, а бил избран и нов Централен совет од 35 редовни членови. Програмата на организацијата била составена од неколку делови. Во воведниот дел, кој е насловен „Што е НОФ“, е нагласено дека организацијата се појавила по отворената странска интервенција во Грција и „варварските“ напади на режимските сили на официјална Атина против македонскиот народ. Основните цели на НОФ, според програмата, се поделени во три дела. Во првиот дел, насловен како „Независност – демократија“, се нагласува дека организацијата како главна цел има: „на чело на македонскиот народ и во борбен сојуз со грчкиот народ, да се бори за независност и демократија на нашата држава“. Понатаму стои: „Оваа борба е борба за спасување на нашиот народ, борба за национално и физичко постоење, тоа е борба за слободен национален културен развиток, борба за слобода и за правата на нашиот народ во рамките на демократска Грција“.
Вториот дел е насловен како „Национална рамноправност“, каде што било нагласено дека „извојувањето на национална рамноправност и признавањето на националните права на нашиот народ се втора основна цел за која се бори НОФ“. Организацијата под ова ја подразбирала можноста да ја зачуваат и развиваат својата национална култура, јазик, училишта, сите права и обичаи и своите национални и народни богатства. Според НОФ тоа би се реализирало единствено преку „борбата за национална рамноправност на нашиот народ… со борбата за независност и демократија во нашата земја; дека основа и неопходен предуслов за реализација на таа цел е постигнувањето на вистинската цел, а тоа значи постоењето независна и демократска Грција; дека борбата за ослободување на нашата земја од туѓинците… и нивните домашни агенти е главна и првенствена задача на нашиот и на грчкиот народ“.
Во последниот, трет дел, раководството на НОФ сметало дека погорните цели би се реализирале единствено преку единството „во самиот наш народ“. Покрај единството меѓу Македонците, организацијата повикува на единство и меѓу грчкиот и македонскиот народ во „борбата за независност, демократија и рамноправност“.
Уште во стартот КПГ правела напори да ја стави под своја контрола НОФ и да ја оддалечи од влијанието на Скопје. Пред сè на грчкото комунистичко раководство и била потребна организацијата поради можноста да мобилизира борци од редовите на македонското население. И покрај фактот дека НОФ јавно декларирал дека македонскиот народ ќе се бори за „рамноправност во рамките на независна демократска Грција“, по резолуцијата на Информбирото (1948), КПГ прави стратегиска манипулација и на Петтиот пленум на ЦК одржан во јануари 1949 година ја промовира паролата за „признавање на правото на Македонците за самоопределување“. Оваа одлука, откако НОФ веќе била под контрола на КПГ, била потврдена и на Вториот конгрес на организацијата, одржан во март 1949 година, во селото П’пли, Преспа. На конгресот учествувале 700 делегати, членови на НОФ, делегати од Албанија и од пиринскиот дел на Македонија, како и претставници на КПГ и на ДАГ. Во согласност со политиката на КПГ, а со цел масовно вклучување на Македонците во редовите на ДАГ, во конгресната прокламација било нагласено: „Македонскиот народ, со неговата борба и жртви, со досегашните придобивки, го прокламира денеска своето решение да се бори за негово национално ослободување, за реализирањето на слободниот национален државен живот како што сака самиот тој“.
(Пишува: Д-р Димитар Љоровски-Вамваковски
Текст објавен во 83. број на неделникот „Република“, 4.04.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


