| четврток, 6 декември 2018 |

Русија и Кина во цврст сојуз – План Б кој ќе го промени глобалниот поредок

Додека Москва ги очекува следните потези на Вашингтон и на Брисел, ангажирано работи на својот план Б кој ќе донесе промена на глобалната политичка сцена. Кремљ веќе извесно време подготвува терен за создавање цврст сојуз со Пекинг што ќе значи сериозен противодговор на политиката на Западот

Svet83-Russia-China-1

Многу политичари и аналитичари се обидуваат да проценат во која насока ќе се одвиваат работите во глобалната политика и какво ќе биде новото позиционирање на светските велесили. Дали Вашингтон и Брисел ќе одлучат да воведат економски санкции за Русија и кои се можните сценарија потоа? Русија досега беше казнета со воведување забрана за влез во САД и во ЕУ на истакнати функционери блиски до рускиот и до украинскиот претседател, а руските банки „СМП банк“ (SMP Bank) и „Инвесткапиталбанк“ (Investcapitalbank) беа исфрлени од групата Г-8. Барем засега Западот не се решава да оди подалеку. Нема официјално објаснување зошто е така, но може да се претпоставува. Една од претпоставките зошто германската канцеларка сака решение по дипломатски пат без економски санкции е фактот што 400.000 работни места во Германија зависат од руско-германската трговска размена. Пред да реши да воведе санкции за Москва, секоја друга држава во ЕУ ќе треба да тргне од истата позиција – колку таквиот потег ќе се врати како бумеранг на домашната економија?

Според тоа, Русија може мирно да набљудува како ќе се одвиваат настаните и да ги чека следните потези на САД и на ЕУ. Во меѓувреме, ангажирано работи на својот план Б кој ќе донесе промена на глобалниот поредок. Москва веќе извесно време подготвува терен за создавање цврст сојуз со Пекинг, што ќе зна­чи сериозен противодговор на политиката на Вашингтон и на Брисел.

Некои аналитичари сметаат дека Русија неповратно се врти кон Истокот и дека работите веќе тргнале во неповратен правец. Таквата оценка ја образложуваат со иницијативата за зајакнување на соработката меѓу Русија и Кина на сите можни нивоа.

Додека водачите на групата Г-7 (САД, Велика Британија, Канада, Германија, Јапонија, Франција и Италија) го славеа враќањето на стариот состав и без „незгодното друштво на Путин“, речиси во исто време германскиот весник „Дер Шпигел“ (Der Speigel) пишува дека настанот е знак дека Европа и САД продолжуваат да ја следат политиката на изолација против Русија, додека Кина ја повикува Москва на соработка.

„Русија и Кина се подготвуваат да потпишат нова спогодба за воено-политичка соработка, со што Пекинг и Москва би можеле целосно да го изменат односот на сили на глобално ниво“, пишува „Шпигел“.

На истата тема пишуваше и кинескиот „Народен весник“, медиум на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина, кој има 70 милиони читатели. Во воведот на написот за ситуацијата во Украина се вели: „Поради Украина, духот на Студената војна повторно се надви над нас и стратешкото зближување на Кина и Русија ќе биде сидро на глобалната стабилност“.

Кинескиот „Глобал тајмс“ (Global Times), пак, ја коментира напнатоста меѓу Западот и Русија: „Како за споредба со Путинова Русија, Соединетите Држави и Европа изгледаат како тигри од хартија. Западот ги потцени намерите на Русија да ги брани своите витални интереси во Украина. Што се однесува до западната стратегија, насочена кон поддршка на самопрогласената прозападна украинска влада, таа ќе предизвика хаос, а Западот нема ниту моќ ниту мудрост за справување со тој хаос. Со тоа, политиката на Западот во Украина е осудена на пропаст“.

 

Како може Кина да и помогне на Русија?

Svet83-Russia-China-2

Зајакнувањето на сојузот меѓу Русија и Кина, кој наголемо се најавува преку тамошните медиуми, се потврдува и од високи партиски функционери во Комунистичката партија на Кина, но се препознава и од експертската јавност.

Генералниот застапник на кинеската компанија „А енд Е експорт груп“ и експерт за кинеско-руските односи, Тенџиао Жао, во интервју за „Раша тудеј“ изјави дека наметнувањето санкции врз Русија нема да му биде од корист на Западот, но затоа, пак, ќе доведе до уште подобри односи меѓу Москва и Пекинг.

Моменталните односи меѓу Кина и Русија се на врвно политичко и економско ниво. И покрај сложеноста на ситуацијата во Украина, Кина се противи на санкциите – вели Жао, но нагласува дека Пекинг може и економски да ја поддржи Русија, притоа додавајќи дека постојат многу начини за тоа да се направи, вклучувајќи го и притисокот врз САД.

Кина би можела да побара од САД да вратат огромен долг. Исто така, Америка може да ја загуби својата економска позиција во Евроазија бидејќи Кина и Русија се важни економски партнери. Ние можеме да ја зголемиме размената на стоки со Русија, да ја засилиме соработката во областа на информатичката технологија, како и воената соработка. Се разбира дека соработката меѓу Москва и Пекинг ќе биде од обострана корист, а меѓу нашите земји не постои никаков проблем и владее голема меѓусебна доверба. Односите, пак, меѓу Кина и Америка се влошуваат во многу области во источна Азија – вели аналитичарот.

 

Напад на петродоларот

Svet83-Russia-China-3

Пред десетина дена неколку економски специјализирани медиуми најавија скоро потпишување гигантски договор за гас меѓу Русија и Кина и паралелен напад врз петродоларот.

„Кога Западот одлучи да ги стави на страна Русија (велесила со природни ресурси) и Кина (суперсила според фиксен капитал и продуктивна работа), двете земји сосема очекувано го маргинализираа доларот и поттикнаа користење на националните валути во билатералната трговија. Се чини дека работите течат според планот. Моментално се во тек важни промени на геополитички план. Соединетите Американски Држави, но и целата Г-7, бележат вртоглав пад на нивното влијание. Сè почна со неуспешниот обид за интервенција во Сирија, а се потврди со спојувањето на Крим кон Руската Федерација. Западот во Украина се фокусира на политика ден за ден и никако не може да ја запре Русија, која секогаш е три чекори напред и прави сè повеќе „чекори“ кон Исток. Европа немоќно се обидува да пронајде алтернативни извори на енергија и да се ослободи од „Гаспром“, кој, пак, ја поскапи цената на гас за Украина за 40 проценти, и тоа е најдобар показател за тоа што следува“, пишува „Ројтерс“.

Според многумина, Русија го подготвува теренот за конечна објава на огромен договор за гас со Кина, што ќе биде потег кој ќе предизвика тектонски поместувања во геополитичка смисла. Треба да се нагласи дека Москва и Пекинг не користат закани и празна раторика, туку само кратки соопштенија и сè што ќе објават треба да се сфати многу сериозно. Во тоа се уверивме за време на Олимписките игри во Сочи кога по ретките предупредувања, кои многумина ги протолкуваа како Путинова тишина, следуваше шок од кој до ден-денес многумина не можат да се стабилизираат.

Svet83-Russia-China-4

Големиот енергетски договор би можел да биде потпишан во мај оваа година за време на официјалната посета на Владимир Путин во Пекинг. Со тоа ќе се постави темелот за јаки структурни односи меѓу најголемиот производител и најголемиот потрошувач на гас во светот и ќе се крене односот меѓу Русија и Кина на уште повисоко ниво.

Треба да се спомене дека годинава Кина потпиша договор за најголем увозник на руска нафта, со што ја надмина Германија. За време на кулминацијата на украинската криза се покажа колку се добри односите на тие земји со Русија, а постои напредок и во соработката на други полиња. Оваа година Русија и Кина ќе потпишат договор за продажба за руски борбени авиони „СУ-35“, што го потврдува и рускиот воен портал „ru-aviation.com“.

Судејќи според изјавите на руски функционери, ескалацијата на украинската криза ќе се одрази и на статусот на доларот. Тешко е да се прогнозира дали кризата ќе остане во регионални рамки или ќе прерасне на глобално ниво во сите области, т.е. ќе доведе до преиспитување на останатите релативно стабилни меѓународни односи во смисла на негативно влијание на западниот блок. Како што гледаме, Крим за многумина е уште еден геополитички пораз за Вашингтон, веднаш по тој во Сирија во септември 2013 година.

(Пишува: Ненад Мирчевски
Текст објавен во 83. број на неделникот „Република“, 4.04.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top