Нови 14 лица заболеле од морбили во последните пет дена, соопшти денеска Центарот за јавно здравје. Според информацијата на Центарот, седум од регистрираните случаи се на возраст од 30 до 43 години, а другата половина се деца до шест години.
Осум лица од заразените биле невакцинирани, пет не подлежат на вакцинација, односно се помали од 13 месеци и едно лице било вакцинирано само со една доза МРП. На Инфективната клиника, како што е наведено во соопштението, во моментов се хоспитализирани осум лица.
Од прогласувањето на епидемијата на 25 март до вчера во Одделението за епидемиологија при Центар за јавно здравје – Скопје, од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби Скопје и ГОБ „8 Септември“ биле регистрирани 39 случаи заболени од морбилли.
Од почетокот на епидемијата, 6 јануари, регистрирани се 64 случаи на мали сипаници, кои се клинички, лабораториски и епидемиолошки поврзани. Четириесет од нив не се вакцинирани, 12 не подлежат на вакцинација, односно се помали од 13 месеци, за четири нема податок и осум лица се вакцинирани со една доза МРП.
Од потврдените случаи 42 лица се на возраст од 19 до 43 години, 21 е до шест години и едно лице е 15 години.
Во периодот од 31 март до 4 април во Здравствениот дом – Скопје вакцинирани се 197 деца на возраст од 12 месеци до 3 години и 161 дете на возраст од 6 до 13 години.
Со лица заболени од морбили се зафатени 10 општини во земјава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.