| четврток, 6 декември 2018 |

Спасов: Намалувањето на невработеноста и вработување на младите е стратегиска цел на ВМРО-ДПМНЕ

spasov 2

Стратегиска цел на ВМРО-ДПМНЕ е намалување на невработеноста и создавање можности за вработување на младите лица.  Тоа го потврдуваме со ветувањето што го даваме на граѓаните дека идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе отвори 64.000 работни места и намалување на стапката на невработеност на 22 проценти, изјави на прес-конференција Диме Спасов.

Во продолжение интегрален текст од прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Во овој контекст предвидовме низа мерки за поттикнување на вработувањето на невработени млади лица во Република Македонија, мерки кои се опфатени во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ.

Можноста за ослободување од плаќање на социјални придонеси на работодавачите кои ќе вработат лице до 29 години е мерка која треба да стимулира вработување невработени млади лица со полно работно време, а за самите работодавачите претставува олеснување и поддршка затоа што државата им ги намалува трошоците за ангажирање на работен кадар односно ги ослободува од трошоци кои можат да ги задржат и да ги употребат во друга функција за развој на бизнисот.

Притоа е предвидено  ослободување од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и тоа:

-придонес за пензиско и инвалидско осигурување,

-придонес за здравствено осигурување и

-придонес за осигурување во случај на невработеност.

Ослободувањето од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување на месечна основа се однесува до просечна бруто плата за претходната година за период од 12 месеци, сметано од денот на вработувањето на  лицето.

Покрај ослободувањето од социјалните придонеси работодавачот е ослободен и од плаќање на персонален данок на доход за тоа лице, можност за што веќе постои законско решение. Вкупните даночни ослободувања за работодавачите изнесуваат : 27 % по основ на социјалните придонеси и 10% персонален данок на доход, односно ослободување од 37%.

Обврска на работодавачот е да го задржи лицето дополнителни 12 месеци, по истекот на периодот во којшто е ослободен од плаќање придонеси од  задолжително социјално осигурување.

Треба да се истакне дека ослободувањето од плаќање на социјалните придонеси и персонален данок на доход важи и за самовработување на млади невработени лица до 29 години.

Почитувани,

Во функција на успешно спроведување на политиките и програмите за вработување, Владата на ВМРО-ДПМНЕ на годишно ниво носи Оперативни планови кој вклучуваат програми и мерки со цел активација на пазарот на трудот и креирање на работни места преку стимулирање на побарувачката на пазарот на трудот, усогласување на понудата и побарувачката на работна сила,

Во периодот од 2007 до 2013 година преку Активните програми и мерки за вработување опфатени се 54.958 невработени лица и се постигнати 30.524 вработувања.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе донесе посебен Оперативен план за активни програми и мерки за вра-ботување на млади 2015-2016 година кој ќе има за цел намалување на невработеноста, зголемување на вработ-ливоста на невработените млади лица и јакнење на конкурентноста на економијата. Во Оперативниот план ќе бидат дефинирани: видот на програмите и мерките за вработување, целните групи, потребните средства и изворите на средствата, како и субјектите надлежни за имплементација на истиот. Со оперативниот план за активнимерки за вработување на влади ќе се вработат над 3.000 невработени млади лица и за него е предвиден буџет 150.000.000 денари.

Мерки кои се предвидени да се реализираат со оперативниот план за вработување на млади 2015-2016 се:

Програма за вработување – Прва шанса

Поддршката ќе се обезбеди за евидентирани невработени лица со завршено високо образование до 29-годишна возраст, за истите да се стекнат со одредени практични знаења и вештини и станат конкурентни на пазарот на труд. Субвенционирање на вработувањето ќе се врши по моделот 3+6, кој предвидува 3 месеци субвенционирано вработување со полно работно време и 6 месеци обврска на работодавачите да го задржат на работа. Со оваа Програма ќе се субвенционираат над 1.000 лица во времетраење од 3 месеци во износ од 13.000 денари бруто-плата.

Програма за самовработување

Програмата ќе се реализира преку обука на заинтересирани невработени лица за претприемништвото, изготвување на одржливи бизнис планови, помош пререгистрација на сопствен бизнис и финансиска поддршка за започнување на бизнисот и/или финансиска поддршка за формализација на постојни бизниси на млади невработени лица. Со Програмата ќе се субвенционираат 200 невработени лица, а грантот  за самовработување по лице изнесува 211.210 денари.

Субвенционирано вработување млади лица

Со оваа програма се обезбедува финансиска поддршка за секое вработено младо лице во износ од 13.000 денари месечно за бруто-плата за период од 6 месеци, а обврска на работодавачите е да ги задржат нововработените најмалку 12 месеци по завршување на субвенцијата. Со Програмата ќе се субвенционираат до 1.000 невработени лица.

Практикантство на млади лица

Целта на оваа програма е зголемување на вработеноста на младите невработени лица, со што се овозможува тие поподготвени да се вклучат на пазарот на труд, односно подобар трансфер од школо на работа на младите лица. За спроведување на оваа програма се исплаќаат по 6.200 денари за лице месечно, со вклучен персонален данок на доход и осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување во период од 3 месеци. Со Програмата ќе се субвенционираат до 2.000 невработени лица.

Исто така ќе се овозможат поголеми поволности за вработување на млади  преку програмите за самовработување со кредитирање и Програмата за поддршка за вработување во микро и мали компании на млади лица до 29 годишна возраст.

Со првата Програма за самовработување со кредитирање на млади лица на сите млади лица до 29 години кои сакаат да се самовработат ќе им се обезбеди можност за подигање кредит во износ од 7.000 евра со грејс период од 18 месеци и период на враќање од 66 месеци. Оваа можност ќе може да ја искористи носителот на претпријатието додека пак, за секој нов вработен, до 5 вработени доколку се од истата група на млади до 29 години, ќе може да добие дополнителни 4.000 евра за секој нов вработен или вкупен максимален износ од 23.000 евра со каматна стапка од 1% на годишно ниво.Со Програмата за поддршка за вработување во микро и мали компании на млади лица до 29 годишна возраст, ќе се обезбеди можност работодавачите кои ќе учествуваат во Програмата да добијат кредит во износ од 4.000 евра за секое нововработено младо лице до 29 години или вкупно за вработување до 3 лица во износ од 12.000 евра со грејс период од 1 година и 2 години рок за враќање на кредитот со каматна стапка од 1% на годишнониво.

Почитувани со овие предлог мерки, ВМРО-ДПМНЕ ја покажува определбата  дека државата има свој интерес во креирањето на работни места за младите бидејќи тоа е суштински елемент во создавањето посилна економија, и градење на амбиент на можности и демократски вредности.

Ние  нудиме конкретна Програма, со конкретни мерки и рокови. Нашата понуда е јасна и концизна. Граѓаните тоа знаат да го препознаат и на претстојните избори ќе ја направат разликата помеѓу  ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top