Кандидатот за претседател од ДПА, Илијаз Халими, на вечерашната средба со граѓани во Чегране, Гостиварско, ги охрабри и повика Албанците на претстојните избори да излезат на гласање.
– Со излегувањето на изборите и давањето глас, светот ќе дознае дека Албанците се фактор во Македонија – посочи Халими.
Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, пред членовите и симпатизерите во Чегране најави освојување доволно гласови кои на партијата ќе ѝ овозможат да бидат иден партнер во власта.
Осврнувајќи се на состојбите во земјава, Тачи го обвини политичкиот опонент Али Ахмети за, како што рече, економската пропаст на Албанците во Македонија, како и за поткуп на гласачите Албанци.
– Последнава недела во Гостиварско е поделена социјална помош на околу 4.000 семејства – предочи Тачи.
Зборуваше и за невоведувањето на албанскиот јазик како официјален, нереализирањето на делови од Охридскиот договор, како и за „пропаста на Државниот универзитет во Тетово“.
На собирот во спортската училишна сала во Чегране зборуваа и кандидатите за пратеници Газменд Алији, Бесар Исмаили и Теута Исмаили.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.