| четврток, 6 декември 2018 |

Јанкулоска: Продолжуваме со проекти кои ќе ја подобрат спортската инфраструктура

jankul

Гордана Јанкуловска, носител на листата во 2-та изборна единица, по денешната презентација за превземените мерки од државата во борбата против користењето допинг во спортот во „Куќата на фудбалот“ во Скопје, нагласи дека за следниот четиригодишен период, во програмата „Проверено“ на ВМРО – ДПМНЕ  предвидено е продолжување со проектите кои значат подобрување на спортската инфраструктура, но и нови проекти за поддршка на младите спортисти.

– Ќе обезбедиме 500 стипендии за младите спортисти, овозможуваме спортските тренери од Република Македонија да добијат соодветна обука за да го достигнат потребното ниво за пренесување знаења и искуства, да можеме да имаме врвни спортисти во повеќе спортови. Агенцијата за спорт и млади и Владата го започнаа проектот за формирање на „спортската академија“ што се планира да се прошири во седум градови и тоа во Велес, Струмица, Куманово,Штип, Гостивар, Прилеп и Битола – изјави Јанкулоска.

Јанкулоска нагласи дека проектот во Струмица и Куманово, ќе се реализира доколку успеат да ги убедат градоначалниците дека се работи за проекти важни за најмладата популација од овие градови.

– За овој проект на Владата, потребна ни е поддршка и од локалната самоуправа – потенцираше Јанкулоска.

Таа додаде дека се продолжува и со низа други активности во рамки на кои ќе им се даде признание на спортистите кои постигнале успеси со кои ја афирмирале Република Македонија, како што се спортските пензии, бројните признанија, вклучително и наградата „8 Септември“, што ја добиваат најуспешните во спортот, културата и уметноста.

Јанкулоска потсети дека во изминатиот период Владата го поддржувала спортот на секој можен начин а направен е историски чекор за подобрување на спортската инфраструктура. Таа додаде дека во изминатиот период биле изградени вкупно 32 нови спортски сали, а две се реновирале.

– Во периодот што следува ќе има уште девет нови спортски сали, а ќе се реновираат уште две. Заедно со ФФМ пристапивме кон реализација на проектот за опремување фудбалски игралишта со вештачка трева, го продолживме проектот 120 тениски игралишта, 100 повеќенаменски фудбалски игралишта од кои 12 се во функција, а 22 се поготвени да бидат предадени во употреба, а на останатите се работи – рече Јанкулоска и додаде дека се преземени интензивни активности за подобрување на условите за сите оние кои вистински сакаат да се занимаваат со спорт.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top