| четврток, 6 декември 2018 |

ММФ очекува раст на македонската економија, повисок од првично планираниот

MMF

Меѓународниот монетарен фонд предвидува дека македонската економија годинава ќе порасне за 3,2 отсто. Оваа најнова прогноза Фондот ја објави во поединечните податоци за државите во светот, опфатени во извештајот за изгледите на Светската економија, пишува Утрински весник.
Според последните, јануарски проекции на Фондот, бруто-домашниот производ на земјава требаше оваа година да оствари раст од три отсто, односно има благо зголемување на прогнозите за македонскиот економски раст за 0,2 процентни поени.
И Владата на Македонија во буџетот наведе дека за годинава очекува економски раст од 3,2 отсто.
Од земјите од регионот, Косово ќе има највисока стапка на економски раст, и таа оваа година би требало да изнесува 3,9 отсто, говорат најновите очекувања на монетарците.
Зад нас, пак, се Црна Гора, која годинава би требало да оствари позитивен економски раст од 2,8 отсто, Албанија со 2,1 отсто, како и Босна и Херцеговина со два проценти. Нашиот источен сосед Бугарија годинава ќе има економски раст од 1,6 отсто, додека, пак, северниот сосед, Србија, за 2014 година ќе треба да се задоволи со раст од само еден отсто.
Вгодина се очекува раст од 3,4 отсто за македонската економија.
ММФ во извештајот дава и проекција за растот на земјава за 2019 година, и според сегашните нивни анализи, тој после пет години би требало да достигне 4 проценти.
Косово и во 2019 година би било со подобра стапка од нашата и таа би изнесувала 4,5 проценти, исто колку и идната година, додека, пак, сега далеку послабата Србија, ќе не стигне после пет години и во 2019 година ќе има стапка на раст од 4 отсто.
ММФ прави проекции и за стапката на невработеност во земјава. Според нивните проекции, годинава Македонија ќе ја заврши со стапка на невработеност од близу 29 отсто, а во 2015 таа треба да се намали на 28 проценти. Во 2018 година, пак, стапката на невработени треба да изнесува 25,9 отсто.
Инаку, Фондот пред стартот на Пролетните средби на ММФ и на Светска банка ги објави и најновите проекции за светската економија, чија стапка годинава треба да изнесува 3,6 отсто, што е благо намалување во споредба со јануарските проекции од 3,7 проценти.
Зголемените геополитички тензии, ниската инфлација, како и забавувањето на брзорастечките економии и на пазарите во развој, се главните ризици кои можат да му наштетат на глобалното економско закрепнување.
Главниот економист на ММФ, Оливер Бланшард, порача дека иако акутните ризици за економијата се намалени, тие не исчезнаа. Напротив, ситуацијата со Украина и Русија може да ги искомплицира работите, со оглед што климата за инвеститорите во Русија станува неповолна. Најновата прогноза на ММФ за Русија е дека годинава оваа економија ќе има стапка на раст од 1,3 отсто, што е за дури 0,6 процентни поени помалку во споредба со претходната јануарска прогноза.
Носители на глобалниот раст во наредниот период ќе бидат развиените економии, и тие всушност го креираат оптимизмот за светскиот економски развој, а САД се очекува дека ќе го дадат главниот импулс. Но затоа, пак, земјите од категоријата нови пазарни економии, ќе доживеат економско забавување, што е наведено и како еден од клучните ризици за глобалните перспективи.
Откако мината година Европа ја заврши со речиси симболична стапка на раст од само 0,5 отсто, за годинава се очекува таа да биде повеќе од трикратно надмината и да достигне 1,7 отсто, како и да продолжи да расте и во следната година, достигнувајќи 1,9 отсто. Еврозоната ја напушта негативната стапка на раст, која лани забележа минус од 0,5 отсто, и за годинава се очекува да испорача позитива, односно зголемување на економската активност со стапка од 1,2 отсто.
Повисоки стапки на раст за годинава од оние што претходно биле очекувани ММФ им предвидува на Германија, Велика Британија, Франција, како и за Шпанија.
Како една од ѕвездите во поглед на економското закрепнување се споменува Велика Британија, чија стапка на раст годинава треба да изнесува 2,9 проценти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top