| четврток, 6 декември 2018 |

Повлечена од продажба штрудлата со смоква на „Житопрерада“

струдла
Штрудлата на српскиот производител „Житопрерада“ е повлечена од промет. Агенцијата за храна и за ветеринарство донесе ваква превентивна мерка по информација за повлекување на небезбеден производ – штрудла со фил од смокви во Република Словенија, поради присуство на микотоксин охратоксин А над максималнодозволените концентрации. На македонскиот пазар штрудлата ја увезува компанијата „Оз- тукомпани“ од Скопје.
– Оваа компанија во изминатите шест месеци, во земјава увезла пет пратки со производи со мешовит состав (кекси, вафли, штрудли со различен вид полнење). Од страна на инспекторите за храна на Агенцијата за храна и за ветеринарство при увозот земени се четири мостри, за кои по извршените лабораториски анализи е потврдено дека се негативни – соопшти Агенцијата за храна и за ветеринарство.
До добивање официјално известување од српското Министерство за земјоделство, за бројот на контаминираната серија (лот), Агенцијата за храна и за ветеринарство и изрече и забрана за компанијата увозник за ставање во промет на количините што се наоѓаат во магацините.
Подетални информации за увезени и повлечени количини од спорниот производ Агенцијата најави до крајот на денот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top