| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Македонија е земја во која економијата расте, а се намалува невработеноста

Чест ми е да сум тука, на ова место кое е родно место и на Пулевски и Зографски и на Сариевски и Личеновски, на Мажовски и Дичо Зограф, Саме Жерновски, на многу, многу големи луѓе познати насекаде. Луѓе кои дале се за Македонија, истакна кандидатот за претседател на коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов, на митингот во Маврово и Ростушe.

иван мав5

– Целата општина го покрива Националниот парк „Маврово“. Тоа е привилегија и голем потенцијал за вашата општина. Се сеќавам пред 5 години, од ова исто место, и ви кажав доаѓам со програма, за да ја добијам вашата доверба. Сега после 5 години доаѓам и повторно ви велам – благодарам за довербата што ми ја укажавте минатите избори, и се она што беше кажано се беше исполнето. И ветувањата дека ќе ве посетам после изборите го исполнив минатиот пат. И сега повторно ви велам – и после овие избори, повторно ќе ве посетам. Бев на стотина официјални и работни посети во странство, во многу светските метрополи. Ги бранев интересите на Македонија. Отворав нови можности за македонската економија. Истовремено, ја користев секоја прилика да бидам меѓу своите сограѓани – истакна Иванов.

иван мав2

Иванов потсети дека редовно ја посетува оваа општина.

-Бев со вас и во добро, и зa баш убави работи. И како покровител на познатата Галичка свадба на Петровден, но и кога беше големата трагедија, пожарот на Бигорскиот манастир. Кога гореа конаците на Бигорскиот манастир, се покажа вистинската сила на македонскиот модел на соживот. Во гаснење на пожарот први бевте вие, и православни и муслимани, и Македонци и Албанци. Луѓето од целиот овој крај, без оглед на верска и етничка припадност, дојдоа да им помогнат на своите соседи. Граѓаните од целиот регион, и христијаните и муслиманите, се вклучија во обновувањето на манастирот.Така се чува и гради Македонија. Тоа е соживот. Заедно и во добро и во лошо. Тоа е силата на македонскиот модел на соживот. Тоа е силата на Македонија! – рече Иванов.

иван мав1

Тој истакна дека во изминативе неколку недели посети многу градови и села низ Македонија и оствари средби со многу граѓани.

-И каде и да одев, видов дека Македонија се гради. За разлика од некои кои нудат нови лица за Македонија, јас насекаде видов нов лик на Македонија. Кога во 2006 година дојдоа овие млади политичари предводени од Никола Груевски, тие решија да ја променат Македонија. По многу донесени закони, по многу усвоени мерки, по многу спроведени реформи, Македонија добива нов лик.

иван мав3

-Се донесоа околу 2 милијарди евра странски инвестиции. Се отворија 120.000 нови работни места. Новата програма за која ќе говори премиерот Груевски, програмата на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија,  предвидува уште 64.000 нови работни места. Тоа е напредокот на Македонија. По тоа се гледа успехот и просперитетот. Македонија напредува на секој план. Македонија е земја во која економијата расте, а се намалува невработеноста. Тоа е резултат на тимска работа. Сите се вклучени во напорите за подобра Македонија, и државата, и општините, и стопанствениците и работниците, и земјоделците. Соработката носи успех за Македонија. А успехот инспирира и мотивира -нагласи Иванов во својот говор.

Затоа и понатаму продолжуваме  заедно, рече кандидатот за претседател Иванов. -Заедно да работиме за Македонија, како тим, тим кој успева. Ќе им давам поддршка на сите кои создаваат нови работни места, за економијата уште да расте. За сите проекти што носат напредок, што носат подобар живот за сите нас. Ни вие не сте заборавени ни од мене, ни од премиерот Груевски.

иван мав6

Иванов на жителите на Маврово- Ростуше им посочи дека живеат во средина со чист воздух, чиста вода, здрава храна.

-Може да се развива туризмот, шумарството, сточарството, риболовот, производството на здрава храна. Маврово е магнет за домашни и странски гости, туристи кои ја сакаат и ја ценат природата и културната разноликост. Туризмот е и иднината на регионот. Има потенцијал за туризам преку цела годинa. Знам дека е потребна дополнителна туристичка инфраструктура, излетнички кампови, места за спорт и рекреација, маркирање и одржување на патеки за планинари, велосипедисти, изградба на планинарски домови. Тука е и реката Радика што нуди можност за кајакарство и за сплаварење. И јас и Владата ќе бидеме ваши партнери во развојот на  овие можности. Со средства од буџетот, преку јавно приватно партнерство и со помош на ИПА- фондовите, за развојот на Националниот парк „Маврово“ се предвидуваат околу 2,6 милиони евра. Сево ова ќе биде основа за економски развој на целиот регион и на населението што живее во овој регион.

иван мав7

-Како ја градиме Македонија, го градиме и Маврово и Ростуша, целата општина. Овој крај е познат по претприемачкиот дух. Владата овозможува отворање на нови работни места преку кредити за отворање мали бизниси и самовработување. Вие, од овој крај, општината, Владата, и јас како претседател, заедно можеме да направиме многу. И ова не се празни зборови. Ќе има нови проекти за цела Македонија, и за вашата општина. Јас и верувам на Владата. ВМРО-ДПМНЕ верува во мене. Работиме со меѓусебна доверба, и со општините, и со граѓаните. Работиме со реални програми, и затоа даваме отчет. Тоа е разликата – додаде Иванов.

иван мав4

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top