Денеска во Брисел, Европската агенција за безбедност и здравје при работа (ЕУ ОСХА) ја започна двогодишната европска кампања: „Здрави работни места – управување со стресот“.
Големите размери на стресот поврзан со работното место во Европа се застрашувачки. Најновата пан-европска анкета на ЕУ ОСХА откри дека 51 отсто од работниците сметаат дека стресот поврзан со работата е вообичаен на нивното работно место, а четири од 10 работници мислат дека во нивната организација не се справуваат успешно со стресот. Меѓутоа, работодавачите и работниците заедно можат успешно да управуваат и да го спречат стресот поврзан со работата и психосоцијалните ризици.
Кампањата „Здрави работни места“ е насочена да им помогне на компаниите да го сторат токму тоа. Почетокот на кампањата ги здружи комесарот на ЕУ за труд и социјални работи, Ласло Андор , грчкиот заменик министер за труд, социјална сигурност и социјална грижа, Василис Кегкероглу, како претставник на грчкото претседателство со Советот на ЕУ, и директорот на ЕУ ОСХА , д-р Криста Седлачек. Тие ги повикаа европските претпријатија (приватни и јавни) да ја препознаат потребата за решавање на стресот поврзан со работата. На тој начин, тие ќе го заштитат здравјето на своите вработени и продуктивноста на своите организации.
– Управувањето со стресот поврзан со работата е еден од камен-темелниците за обезбедување на здравјето, безбедноста и благосостојбата на европските работници. Работните места не можат да си дозволат да го игнорираат стресот на работното место, кој го зголемува отсуството од работа и ја намалува продуктивноста. Стратешката рамка на ЕУ за здравјето и безбедноста при работа 2014-2020 ќе нагласува дека подобрата заштита на менталното здравје на работникот е клучен фактор за превенција на заболувањата поврзани со работата. Во рамката ќе бидат предложени низа активности, како што е споделување на добрите практики за поттикнување на менталното здравје при работа. Позитивната работна средина е важна не само за подолг работен век на работниците, туку и да им овозможи на работниците, откако ќе се пензионираат, и понатаму да останат во добро здравје. Уверен сум дека новата кампања на ЕУ ОСХА за стресот и психосоцијалните ризици при работа значително ќе придонесат во остварувањето на оваа цел – истакна комесарот Андор.
– Кампањата „Здрави работни места – управување со стресот 2014-2015“ е одлична прилика да се промовира потребата за европските работни места ефикасно да се борат против психосоцијалните ризици и стресот на работното место. Кампањата ја обезбедува потребната поддршка и дава насоки за работодавачите, директорите, работниците и нивните претставници – додаде г-Кегкероглу.
Д-р Седлачек говореше за целите на кампањата.
– И покрај зголеменото присуство и трошоците од стресот на работното место, сè уште владее значително недоразбирање и чувствителност за истото. Истражувањето покажа дека над 40 отсто од работодавачите сметаат дека е потешко да се управува со психосоцијалните ризици отколку со „традиционалните“ ризици за безбедноста и здравјето при работа. Стресот поврзан со работата е организациски проблем и потребно е истовремено да го решаваат и работодавачите и работниците кои работат заедно – вели д-р Седлачек.
Кампањата „Здрави работни места“ сака да прикаже дека психосоцијалните ризици можат се решаваат на истиот систематски начин како и секој ризик за безбедноста и здравјето при работа. Нејзината цел е да ја поттикне употребата на едноставни алатки кои ќе им помогнат на организациите ефикасно да управуваат со овие ризици и на тој начин да ги истакнат позитивните ефекти.
Кампањата е поддржана и од Претседателствата на Советот на ЕУ, Европскиот парламент, Европската комисија и европските социјални партнери.
Кампањата „Здрави работни места – управување со стресот“ ќе трае две години, а ќе вклучи стотици организации од цела Европа, вклучувајќи низа активности како што се: обуки, конференции и работилници, конкурси за постери, филмови и фотографии, квизови, предлог шеми, рекламни кампањи и прес конференции.
Клучна активност во календарот на кампањата се Европските награди за добра практика, која ќе биде лансирана на 15 април. Се поттикнува доставување на апликации од сите европски организации кои успешно ги спроведуваат мерките за намалување и елиминирање на стресот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.