| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Кога се работи со посветеност и љубов за Македонија, разликата ја прават граѓаните

Програмата со која ја добив вашата доверба е целосно исполнета. Сега доаѓам со нова програма, за нова доверба. Во Тетово стопанствениците и граѓаните соработуваат и работат заедно, а општината е активен простор во кој се стопанисува и се гради. Кога економијата расте, се расте во државата, се создаваат услови секој да живее добро и да ја негува својата култура и традиција, рече вечерва кандидатот за претседател од коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов, на митингот во Тетово.

Овие пет години, посочи тој, напорно се работеше, се постигна многу, затоа што се работеше тимски, единствено. Иванов нагласи дека во овој период пензиите се зголемени за 62 отсто, социјалната помош бележи раст од над 40 отсто, платите 22 отсто.

– Тоа е разликата. Кога се работи со посветеност и љубов за Македонија, разликата ја прават граѓаните. Сите институции во државата работеа во интерес на граѓаните. Спроведени се реформи во речиси секоја област од животот. Затоа ги поддржувам министрите и премиерот. Затоа што знаеме каде одиме и знаеме што сакаме, и затоа граѓаните не поддржуваат. Како претседател ќе продолжам заедно со Владата, да работам на конкретни проекти, конкретни активности кои донесуваат резултати со конкретни рокови, истакна Иванов.

Ја градиме Европа во Македонија и ја интегрираме Македонија во Европската унија, потенцира Иванов, и поставуваме европски стандарди, европски критериуми во Македонија.

– Затоа и добивме пет препораки и пет позитивни извештаи. Со напорни реформи дома и со отвореност кон надвор, успеавме да создадеме поволна бизнис-клима и да привлечеме странски инвеститори. Токму по тоа денес се мери политиката, не по убави зборови не по празни ветувања, туку по бројот на отворени работни места. Ја отворивме Македонија кон нови пазари, градевме нови пријателства. Овој тим го надоместува она што беше пропуштено, она што неоправдано беше запоставувано со години, рече Иванов и додаде дека функционираме како организирана држава во која доаѓаат странски инвестиции, во која се вработуваат млади луѓе.

Посочи дека секогаш ќе поддржува проекти кои го негуваат и го развиваат заедништвото, особено кај децата, кај младите и кај студентите. Затоа, како што рече, ја основавме и Школата за млади лидери, во која секоја година има учесници и од Тетово.

– Нив ги оспособуваме да знаат да водат, да знаат да предводат, да создаваат тимови, нови тимови за Македонија. Во мојот мандат ги посетив двата универзитета во Тетово, Универзитетот на Југоисточна Европа, каде имав и предавање пред студентите, како и Државниот универзитет во Тетово. За придонесот во високото образование и за соживотот во
Република Македонија, со „Орден за заслуги за Македонија“ го одликував Универзитетот на ЈИЕ, истакна Иванов.

Ја чуваме Македонија, го чуваме македонскиот модел на соживот, нагласи Иванов и додаде дека тоа е автентична македонска традиција наследена од нашите предци, која ние треба да ја сочуваме за нашите потомци. Според него, таа е и политичка и институционална обврска за нашата, но и за идните генерации.

– Во меѓуетничкиот соживот, ако претходната деценија беше деценија на права, вторава деценија е деценија на права, но и на заемни обврски за сите нас. Законот мора да важи еднакво за сите, независно од етничката, верската или која било друга припадност. Како претседател го бранев, и ако ја добијам вашата доверба ќе продолжам да го бранам државното единство во Република Македонија. За мене, Македонија е една, единствена. Претседател сум на сите граѓани. Така работев и така ќе продолжам да работам. Соживотот и отвореноста ги негуваме сите заедно, додаде Иванов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top