| четврток, 6 декември 2018 |

Изградба на нови хотели и ски патеки, Попова Шапка ќе стане еден од најсилните скијачки центри

План за развој на Попова Шапка и нејзино прераснување во еден од најсилните скијачки центри во Југоисточна Европа е предвидено во новата програма на ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на партијата Никола Груевски вечерва од Тетово порача дека направен е мастер план за развој на Попова Шапка во две фази, едната е инвестиции на државата, а втората фаза е инвестиции што се предвидуваат од потенцијален концесионер.

-Она што државата треба да го вложи веќе го задолживме ЕЛЕМ, а тоа е изградба на нова најмодерна шестоседна жичарница на ски-центарот Попова Шапка, изградба на паркинг простор за 350 паркинг возила на Попова Шапка, изградба на нов хотел со спа центар и нов сноуборд парк на ски-центарот Попова Шапка, истакна Груевски.

Тој додаде дека паралелно на ова ќе се бара концесионер од кој се очекува да изгради нови патеки за скијање, нови хотели за се заедно Попова Шапка да стане еден од најсилните скијачки центри во Југоисточна Европа, па и пошироко.

Груевски посочи дека Попова Шапка според природата на теренот  е еден од петте најдобри скијачки центри во Европа и потребно е само да се вложи повеќе од човечка рака.

ЕЛЕМ веќе прави проекти, а како што нагласи Груевски во подготовка е и јавен повик за концесионер.

За овој проект потребна е и поддршката од градоначалничката на Тетово, бидејќи доколку не се донесе детален урбанистички план, проектот нема да може да се спроведе.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top