| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Покажавме како се работи како тим, како се гради државно единство

Гостивар е пример за меѓуетничкиот и меѓурелигискиот соживот во Македонија. Како претседател го бранев и ќе го бранам државното единство на Република Македонија. Претседател сум на сите граѓани, независно од етничката, верската
или која било припадност. Тоа го правев и ќе продолжам да го правам. Неодамна дојдов во Гостивар за да дадам отчет и да кажам дека се што беше во мојата програма се е остварено и многу повеќе од тоа, рече вечерва кандидатот за претседател од коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов, на митингот во Гостивар.

За овие пет години, посочи тој, во Македонија покажавме како се работи како тим, како се гради државно единство, и како сите институции соработуваат меѓу себе и затоа сите резултати се видливи.

– Јас како претседател и премиерот Груевски и министрите, секогаш бевме посветени на една цел, да го подобриме животот во Македонија. Затоа се направени реформи во секоја област. Секаде се менува животот во Македонија. Има уште многу работа, многу треба да се работи. Но, затоа имаме чист образ, повторно да дојдеме и да ја побараме вашата доверба, за да работиме како тим за Македонија. Секаде успеваме, и секаде има резултати. Тоа треба да продолжи, истакна Иванов.

Ќе продолжиме, потенцира тој, со исто темпо и со ист интензитет, на сите во Македонија да им помогнеме, за земјоделците да имаат уште повеќе субвенции и за пензионерите да имаат редовни и повисоки пензии, за студентите да има стипендии, за учениците да има бесплатни учебници, на секого во Македонија да му се помогне.

– Никогаш не заборавив да ги посетам сите населени места во Македонија, за овие изминати години. Вратите на Кабинетот беа отворени за секој што сакаше да дојде, да се види со мене, да ми пренесе нешто, да каже за своето животно искуство, да се пожали, но и да даде идеја. Поминав илјадници километри низ Македонија, во текот на целиот мандат, во најразлични етнички средини и секаде бев пречекан срдечно и домаќински. На секој што бил во мојот Кабинет сум посветил внимание, без разлика од кое место доаѓа или на која заедница припаѓа. Тоа е вистината. Бев и останав еден за сите, истакна Иванов.

Работиме, како што рече, и ја градиме Македонија како дом на сите нејзини граѓани, независно дали се Македонци, Албанци, Срби, Турци, Власи, Роми, Бошњаци.

– Работиме посветено и сложно. Бидејќи само слогата куќата ја гради. А нашата куќа, нашиот дом се вика Македонија. Сите сме должни да ја чуваме, да ја градиме, бидејќи каква Македонија градиме, таква ќе ја имаме. Постои огромна разлика меѓу можностите што се отвораа за младите пред 10 години и сега. Странски инвестиции, домашни инвеститори, кредити за самовработување и отворање мали бизниси, субвенции, високо образование – цела низа мерки со кои се отвораат можностите за успех, за работа,и заработувачка. Младите се тие кои ја движат Македонија кон нов економски развој, посочи Иванов.

Нагласи дека е импресиониран кога посетува стопански капацитети и кога гледа млади менаџери, успешни бизнисмени, насекаде низ Македонија.

– Тие млади луѓе секогаш биле со мене, и јас сум ги посетувал и тие доаѓале кај мене. Секогаш сум ги поддржувал. Затоа е основана „Школата за млади лидери“ и воспоставено признанието „Најдобар млад научник“. Доколку ја добијам вашата доверба, младите повторно ќе бидат на мојата агенда,највисоко застапени. Тие млади бизнисмени, претприемачи, ќе бидат во секоја делегација каде што ќе одам да обезбедувам политичка поддршка, за проектите што носат благосостојба во Македонија, за проектите кои Владата ги спроведува, со цел нови инвестиции, нови инвеститори, отворање на нови работни места, истакна Иванов.

Посочи дека верува во младите и затоа верува во нивната доверба.

– Затоа, ве повикувам сите вас, сите заедно, побргу да ги оствариме целите што го  обединуваат целото македонско општество: Европа во Македонија и Македонија во Европа, држава и економија кои создаваат нови работни места, Македонија, дом во кој се гради благосостојба за сите, додаде Иванов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top