Деветтото издание на Модната недела во Скопје ќе се затвори вечерва во салонот „Порше-Македонија“ и за крај ќе го видиме Роберт Ивановски со моден перформанс, а АлександраМитковска преку видеоинсталација ќе ја прикаже целата колекција за есен/зима 2014-2015 година. Дизајнерката Лидија Георгиева ќе ја претстави колекцијата „Допирот“ (The touch), а пролетното издание и овој пат ќе го затвори Росица Мршиќ.
Мршиќ со својата ревија го затвори и есенското издание на Модната недела во Скопје, лани во октомври, во Музејот на град Скопје.
Големо интересирање предизвика ревијата на Мила Кадриу, која на моден бранч вчера напладне во„Хорти Експерт гарден“ центарот во Скопје ги претстави своите најнови 26 креации за пролет-лето 2014 година.
Колекцијата ја карактеризираат пософистицирани кроеви, како и весели, природни материјали.
Модното случување продложи во салонот „Порше Македонија“ со перформансот на „Њу менс бизнис акцелератор“, македонско-американска компанија, чиишто програми вклучуваат професионална едукација во областа на техничките и креативни науки, со стручњаци и ментори од земјава и од странство. Креациите што беа прикажани ги изработија уметницата Нина Нинеска и Ема Николова, која е архитект и дизајнер.
Ателјето на Оливера Штакоска дебитираше на Модниот викенд во Скопје со првата колекција „ЛАЦЕ“ за актуелната сезона, која се состои од долги фустани, кошули, елеци, изработени од чипка, памук, лен и волна и изобилува со етноелементи и везови.
Јасмина Дракул на модните писти се врати со „Во полн сјај“- колекција за пролет/лето 2014 година, составена од раскошни венчаници и гламурозни тоалети.
– Секоја жена би можела да се пронајде во колекцијата – вели Дракул.
Со моден перформанс дебитираа Ивана Јовановска со колекцијата „Пјур вижн“ за пролет-лето 2014 година и двоецот Јелкица и Виолета Поповски поддржани од Макпримат со колекцијата „Ескејп фром д ред карпет“.
Дизајнерот Елена Спасовска имаше тематски перформанс инспириран од кабаре и колекција наречена „Сепектакл 2014“ за која вели дека е „инспирирана од идејата на едно нереално општество во кое спектаклот служи како комплексно оправдување дека лагата е всушност вистина“.
фото: Ани и Дими
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.