| четврток, 6 декември 2018 |

Милошоски во Битола: До 2018 година невработеноста ќе ја намалиме на 22 процента

miloski bitola

Имаме нови 2.046 проекти од кои голем дел се за општините од петтата изборна единица. Нашата главна цел во следниот четиригодишен мандат е да отвориме нови 64.000 работни места, кои ќе ни послужат за нашиот главен предизвик – натамошно намалување на невработеноста во Република Македонија – изјави денеска на прес-конференција носителот на листата за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 5 Антонијо Милошоски.  

– Од 2006 година до денес, во услови на тешка економска европска финансиска и должничка криза, успеавме да го намалиме бројот на невработени од 38 на 28 проценти. Тоа не значи дека завршила борбата против предизвикот со невработеноста, но значи дека во следните четири години процентот на невработеност ќе биде сведен на 22 проценти – рече Милошоски.

ВМРО-ДПМНЕ, посочи Милошоски, во својата програма нуди проект посветен на социјално најранливите категории.

– Проектот се вика „Еднократен отпис на долгот“, а се работи за отпишување на долг по основ на сметки за неплатена струја, на банкарски сметки, тековни сметки или потрошувачки кредити, по основ за неплатени сметки за парно греење или по основ на неплатени сметки за радиодифузна такса. Корисници на ваквата можност за еднократен отпис на долгот ќе бидат лица што се корисници на социјална помош, лица кои што подолго од 12 месеци се запишани како невработени и лицата што во текот на претходната година немале комулативен приход од други извори повисок од 1.700 евра. Исто така, ова право ќе го користат и лица што имале семејна несреќа или трагедија и поради смрт на еден од сопружниците или потешка болест или губење на работната способност, а притоа останале во неможност да ги исплатат своите долгови – рече Милошоски.

Посочувајќи на  изборната програма „Проверено“, тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ како партија и премиерот Никола Груевски како претседател на Владата покажа дека работи само со програма, проекти, рокови, задолжени институции за исполнување на роковите и отчет пред граѓаните на Република Македонија.

На денешната прес-конференција во Битола беа претставени кандидатите за пратениците во ИЕ 5 од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, а потекнуваат од овој град.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top