Белата куќа ги потврди информациите дека владината агенција УСАИД формирала социјална мрежа како „Твитер“ за да предизвика политички немири на Куба.
„Зунзунео“ е називот на кубанскиот „Твитер“, кој имал 40.000 корисници на врвот на популарноста во земјата со ограничен пристап на интернет, јавува „Асошиетед прес“. Проектот траел од 2009 до 2012 година кога снемало пари за финансирање.
Кубанската влада засега не ја коментира приказната.
Портпаролот на УСАИД за „Би-Би-Си“ коментирал дека агенцијата е горда на проектот „Зунзунео“ бидејќи им помогнал на луѓето да се поврзат со надворешниот свет. Сепак, разоткривањето на тајната програма би можело да го загрози УСАИД поради нивните тврдења дека не преземаат тајни акции, туку нудат транспарентни програми пружајќи економска и хуманитарна помош на овој дел од светот.
„Зунзунео“ им овозможувал на кубанците да испраќаат пораки, да имаат пријатели, да разменуваат мислења за прогнозата, времето и ураганите преку мобилен, а крајната цел на американската влада бил да ги мотвира корисниците за политичка акција за симнување на комунистичкиот режим од власт.
УСАИД основал компанија во Шпанија и на Кајманските Острови за да се плаќаат сметките на компанијата и таму да се сместат серверите. Направиле веб-страна и лажни огласи за да создадат впечаток на вистинска компанија.
Хавиел, поранешент корисник на „Зунзунео“, за „Би-Би-Си“ изјавил дека добивал бесплатни вести за спорт на мобилниот телефон. Не знаел дека сервисот го основале САД и тврди дека никогаш не добил пораки со политичка содржина.
Пред една година престанал да добива пораки.
Портпаролот на Белата куќа соопшти дека „Зунзунео“ не бил тајна операција и дека за неа расправал и Конгресот на САД.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


