| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Нема подобри, похрабри и подоблесни војници од македонските мировници

ivanov ku

Пред 5 години и Куманово за мене даде повеќе гласови, отколку за кандидатот на опозицијата.Благодарен сум заподдрчката и очекувам истата да се повтори.Напорно работев за да ја оправдам вашата доверба, истакна претседателот на Македонија и кандидат за истата функција, Ѓорге Иванов.

-Уште тогаш ви реков дека ќе ме препознаете по моите животни принципи: чесност, искреност и трудољубивост. На нив останав, функцијата не ме промени. Сè што беше предвидено со програмата од 2009 година е исполнето. Неодамна го посетив Куманово и ви дадов отчет за сработеното. Денес доаѓам пред вас со нова програма и барам доверба за нов мандат.  Како претседател, секогаш сум со граѓаните. Како врховен командант, секогаш сум со војниците. На 1 јануари 2010 година прво ги посетив војниците во касарната „Боро Менков“ во Куманово. Имаме посветени професионални војници. Нашите мировници ја бранат безбедноста во светот, рамо до рамо со нашите НАТО сојузници. Нема подобри, похрабри и подоблесни војници од македонските мировници! Се сретнав со многу ваши сограѓани кога ги посетував нашите мировници во Кабул. Република Македонија ќе продолжи со ангажманот во мировните мисии бидејќи наша стратешка цел е членство во НАТО. Остануваме посветени на патот кон Европската унија. Сите знаеме дека сме блокирани од нашиот јужен сосед, кој има проблем со нашиот идентитет. Веќе 23 години бара од нас да престанеме да бидеме она што сме, да го погазиме заветот што ни го оставиле нашите предци – рече Иванов.

Куманово отсекогаш давало храбри луѓе, луѓе со достоинство, кои не трпат неправда, рече Иванов и додаде дека градот отсекогаш давал големи херои за Македонија. Вашите предци биле во првите редови за ослободување на Македонија.

-Затоа, знам дека зборувам и во ваше име кога ќе речам дека нема да прифатам промена на Уставот, со цел промена на уставното име. Нема да прифатам идеи или предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот. Што и да прави, нашиот јужен сосед не може да не спречи да ја градиме Европа во Македонија. Да ја градиме со спроведување на европските реформи, европските стандарди и европските критериуми. Имаме успеси, одиме напред. Потврда за тоа ни се и петте позитивни извештаи и петте препораки за преговори за членство на Македонија во Европската унија. Македонија денес е зрела демократија. Граѓаните поддржуваа различни партии, различни политички опции. Така е и на централно и на локално ниво.Но, кога станува збор за Македонија, нема ни партии, ни политички опции.  Да ги потсетиме оние што забораваат – работиме за сите граѓани, за секој град, за секое село во Република Македонија.  Кога станува збор за Македонија, сите сме си наши, независно од етничката или религиската припадност – посочи Иванов.

Тој истакна дека работат и ја градат Македонија како дом на сите нејзини граѓани, независно дали се Македонци, Албанци, Срби, Турци, Власи, Роми, Бошњаци…

-Куманово е дел од меѓуетничкиот, меѓурелигискиот соживот во Македонија.

Како претседател го бранев и ќе го бранам државното единство на Република Македонија. Претседател сум на сите граѓани, независно од етничката, верската или која било друга припадност. Тоа го правев и ќе продолжам да го правам. Затоа наоѓав време да одам кај православните христијани, кај католиците и кај протестантите. Одев и во џамии, одев и на ифтари, одев и на Ханука кај Евреите. Тоа беше моето мото, еден за сите. Бев присутен кај сите. Затоа што има многу религии, но има една вера – вера во Бога.  Работиме посветено и сложно. Бидејќи само слогата куќа гради. А нашата куќа, нашиот дом се вика Македонија. Сите сме должни да ја чуваме и да ја градиме, бидејќи каква Македонија градиме, таква ќе ја имаме.Целиот мандат работев напорно. Се водам од принципот на отвореност и соработка во надворешната политика. Градиме добри односи со соседите и ја поттикнуваме прекуграничната соработка – рече Иванов.

За крај, објасни дека има исти цели со премиерот, министрите, градоначалниците и заедно ја развиваат Македонија и ги браниме државните интереси.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top